Даниел Мелвил Македонска рапсодија 88

Бегалка

Колку ѕвезди по небото

Пушки ќе фрлиме

И Деспина ќе ја грабниме…

Народна песна/

Зима. Снег. Снег. Снег. На места и по три метри. Над селските покриви само чадот тивко се крева за небесата. Сведочи дека под оџаците се огништата, а околу живот, успан, бавен, зимен. И мечките спијат и го горат салото собрано под кожата преку летото. Се спие. Дури и природата е сонлива. Голи се гранките од дрвјата. Исчезнала зелената долама од ливадите, шумите, планините. Вервериците скриени во седелата од дупки во стебла од дрвја ги кршат со забите и ги јадат прибраните ореви, лешници и други деликатеси, зимата да ја минат како што треба, достојно, верверички. Само волците скитаат, вијат морничаво горени одвнатре, од вечниот глад, од ненаситноста. Бараат да каснат некој залак, некако да останат живи и на пролет да заиграат љубовни танци од кои ќе се родат волчиња, ќе пораснат, та и тие ќе тргнат следната зима по стапките на нивните претци, оставени во снегот понекогаш дури и в село. Стапки невидливи, отидени со ланскиот снег во неврат. Волците, следејќи инстинктите, одат по старите патеки на гладот и борбата за живот, да остане волјата раса на светов. И змиите сонуваат како се капат во златото на сонцето, Мечтаат, можеби, за зајаци, глувци, жаби или други слатки работи што постојат се јадат при убавата, топлата сезона. Кој знае, можеби сонуваат некој топол камен истегнати со нивното долго мускулесто шарено тело, како некоја пружина, спремна да се одвитка брзо и да ја касни жртват,. Летаргија, сон, тишина, шумови “омекнати” од дебелиот снег.

Над огништата клокотат котли со вода, гравот во грнето се вари со месото сушено на-сонце, пастрмата козја или свинското месо, големите тркалезни лебови чекаат да бидат накршени, разделени и изедени од семејствата, заробени во селото од зимата, од снегот, од мразот, од волците…

Ама дали навистина се спие? Александра, која кој знае зошто нункото така ја крстил со тоа сосема ретко име, има 15 години. Висока е, со развиен јак скелет. Дете и жена е веќе едновремено. Што знае таа за животот, за љубовта? Ништо. Ништо практично. Како сите селски деца, знае дека сé што е живо создава деца. Доста е само да се погледне добитокот, птиците или други животни во периодот на нивните свадби. По селата семејство се создава во младоста. Кога човек ќе дојде кај 14 години, децата веќе се големи, удомени или, пак, и тие размислуваат за дом, за фамилија. Како претците, старите наши, како мајка, како татко… Коко што било со векови, со илјадилетија, откога постои светот и векот. Така било, ние сме сега така на светов. Инаку, поштук од нас нема да остане. Збогум народе, збогум Македонијо ќе беше! Дури и уште повеќе, полошо ќе беше, збогум човештво! Не во неискусното срце од Александра, туку во главата и се меткаат две момчиња. Со едно мора да се омажи! Не ги видела со дулбија, но ни одблиску, физички, не ги познава, та ниту би помислила на такво нешто. Боже пази! Во тие децении после Втората светска војна уште мнозинството во Македонија живееа и се земаа по старите адети, обичаи. Денес е подруго за многу млади. Прво влегуваат во физички контакт па дури потоа, евентуално, ќе решат да се земат, да се венчаат. Ех, други времиња, други обичаи.

Од двајцата “кандидати”, едниот изгледа поинтересен. Случајно има исто име како неа: Александар. Александра и Александар, убаво звучи, зар не? Донегде, ама не сосема, орелски нос, темни блескави очи на итро момче, но наедно и со срце полно со соништа, со бои, со цртежи. Таквите во темните или црните векови за нашиот народ станувале мајстори, ги цртале оние фамозни икони што сега луѓето идат од далечни земји, дури од Америка, да ги видат и проучуваат по црквите и манастирите. Икони, фрески, иконостаси…

 (продолжува)

Loading