Викендов
Викендов е резервиран за меѓународната поетска манифестација “Поетско Маркукуле”, по што Прилеп пак ќе биде град на поезијата. Манифестацијата ќе биде утревечер од 18 часот во ЦК “Марко Цепенков”.
На конкурсот од мај, се пријавени околу 200 поети од сите градови на Македонија и поети од уште дванаесетина други држави. Освен од Македонија, најбројни се авторите од Србија и Бугарија. Ќе ги има и од Хрватска, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Австрија, Англија, Белгија, Албанија, Словенија и други.
“Поетско Маркукуле 2025” годинава ќе го има 18-тото издание. Само во 2020 година не се одржа заради пандемијата.
– Чест е да се биде организатор и домаќин на една ваква манифестација која е најголема по Струшките вечери на поезијата. Растие интересот за учество секоја година. Најголеми поддржувачи се Општината Прилеп и Министерството за култура и туризам, ЦК “ Марко Цепенков” и неколку општествено одговорни компании. Меѓународната традиционална поетска манифестација е благороден настан. Таа е успешен начин да се запознаат и зближат луѓето од различни култури и простори со посредство на литературата и убавиот пишан збор. Поезијата е мост за поврзување на поетите од Македонија со колегите од Балканот и пошироко. За поезијата и за говорот на љубовта не постојат граници. Јазикот на поезијата и љубовта го разбираат сите – вели Андриана Ристеска, претседател на Клубот на литературни творци – Прилеп, организатор на манифестацијата.
Вечерта ќе биде промовиран и зборникот “Поетско Маркукуле 2025”. Манифестација е дарена и завештана за градот од уметникот на звукот и на зборот на Љубен Димкароски Димкар.
– Некои имиња, низ годините станаа редовни учесници. Без нив манифестацијата би била празна и глува. Публиката со радост го очекува нивниот настап. Од друга страна, секоја година доаѓаат нови имиња кои носат посебност и свежина, вградувајќи го својот талент во континуитетот на поетскиот празник. Поезијата е чин на потврдување дека сме живи луѓе кои не станале роботи и робови, туку уште љубат, плачат, се смеаат, тагуваат, страдаат, се радуваат, луѓе со човечко во себе кои го препознаваат божественот дар даден со постоењето и со стих искажуваат благодарност – вели во предговорот на зборникот, поетот Филип Димкоски.
За в недела е предвидено запознавање на гостите, учесници, со знаменитостите на градот и посета на место каде се одржуваше “Поетско Маркукуле” , кај Слонот на Тронот.
![]()

