ПСИХОЛОГИЈАТА ВО ФУНКЦИЈА НА ЕКОНОМСКИОТ НАПРЕДОК

Можеби ве збунува малку насловов. Не грижете се, смирете се. Нема да зборувам ниту за бихевиоралната економија, ниту за неуроекономијата и слични научни дисциплини, зашто сум далеку од стручноста што тие ја бараат, туку сакам само да ви покажам како еден коментар на ФБ може да претставува идеја за еден бизнис и за вкупниот наш економски напредок, кој според медиумиве последнава година достигнува невидени размери.

Ќе ве вратам малку назад со моиве објави. Сигурно сте заборавиле дека на 29 април годинава, времето беше сончево, после долги облачни денови со малку врнежи. И тој ден решив да заминам уште на една планинарска тура, вообичаено до најблискиот нам, Топташ. Тогаш напишав, дека додека се искачував и уживав на априлското сонце неколку часа и додека се враќав, жива душа не сретнав. Ама на враќање, само што влегов на периферијата на градот, минав крај три кафетерии полни со сограѓани кои уживаа во кафенцето и некакви весели муабети. Тоа воопшто не го сметав за ненормално. Луѓето ја нашле својата конфорна зона. Ме изненади еден коментар на клиничкиот психолог д-р Јове Велески кој го пренесувам оригинално од ФСБ.

Јован Велески напиша дека треба да ми отварат долу едно кафеанче до Жито или кај игралиштето за деца, зашто нема уште во тој дел на градот.

Што се случи? По 2-3 недели, токму до ЖИТО маркетот, на мојот кеј, гледам мајстори ги реновираат последните 2 дуќанчиња, за уште по 2-3 недели да може да се види дека никна ново, модерно кафеанче.

“Браво”, си реков!

Како коментар може да послужи како идеја за нов бизнис на некој наш претприемач. Навистина се израдував. Зашто до сега, најблиското кафеанче ми беше дури 100 метри далеку од мојот дом. Овде можам и по влечки да појдам да го испијам омиленото утринско капучино критикувано од нутриционистите. И така треба. Секој во непосредна близина да има свое кафеанче, по можност и блиска обложувалница. Па треба да ги трошиме парите, не ли сме четврта економија во Европа. А кафеанчињата и обложувалниците се нашиот најсилен дел од домашната економија. И решивме, со уште неколкумина пензионери, на први октомври, кога ќе ја земеме онаа илјадарка што ни ја подари владата, овде да направиме една вистинска прослава, со знамиња, пароли… (Ова само доколку Уставниот суд не ја поништи одлуката на владата, како што бргу, бргу си донесе одлука за себе, за премиерот, министрите, замениците и другите владетели со познатите 78%).

И заслужува ова да се прославува. Па веќе Прилеп не е толку далеку од Скопје и тука ни доаѓаат туристи од разни земји, од Руанда, до Гамбија. Посебно тоа го нагласи и министерот за транспорт дека пуштањето на онаа делница експресен пат од десетина километри од селото Фариш до село Дреново, после преместувањето на “цела планина” дури откако патот беше завршен, многу ќе придонесува за развојот на туризмот. А туристите прво ќе побараат да се освежат со кафе, лимонада, сладолед…, бидејќи ќе бидат “пеплосани” од сите оние пожари што патем ги гледаме ова врело, сушно лето со врнежи само во метеоролошките прогнози, впрочем како и во соседните држави.

Миле Грданоски

Loading