24 години од Карпалак
Со почит и поклон пред споменикот во центарот, градот тагува и се чествува 24 годишнината од загинувањето на 10-те прилепски воени резервисти кај месноста Карпалак на 8 август 2001-та кога во заседа загинаа Сашо Китаноски, Нане Наумоски, Бранко Секулоски, Марко Деспотоски, Ердован Шабаноски, Љубе Грујоски, Дарко Вељаноски, Веби Рушидоски, Горан Миноски и Пеце Секулоски.
Венци и свежи цвеќиња пред спомен обележјето положуваат делегации од Собранието, од Кабинетот на Претседателот, од Владата, од АРМ, на Прилеп, од семејствата на загинатите, од здруженијата на бранителите…

Хероите остануваат вечно врежани во срцето на прилепчани, во историјата на земјава, во меморијата на овој непокорен народ, кој својата слобода, независност и интегритет, секогаш, за жал, ја добивал и ја испишувал, крваво. Карпалак боли секогаш, но останува вечен спомен, со потсетување за храбрите македонски синови кои за својата земја го дадоа највредното, животот. Времето не ја бриши тагата, а мислите не го забораваат минатото. Овој ден е траен белег во колективната свест, оти жртвите беа во мисија на одбрана на татковината и независноста на Македонија.
Прилеп со гордост и почит чествува, давајќи завет како Македонци дека ќе се чува нивниот спомен и нема да се дозволи повеќе човечки жртви, понижувања и војни.
Беа посетени и вечните почивалишта на загинатите на гробиштата во Прилеп и во населените места. Достојна почит им беше оддадена во касарната “Мирче Ацев”, каде е спомен обележјето на 10-те загинати воени резервисти од 2001-та.
Подостојно обележје
Со положување цвеќе и панихида пред спомен плочата кај месноста Карпалак на автопатот Тетово-Скопје се оддаде почит на десетте загинати бранители од Прилеп, убиени во заседа во оружениот конфликт во 2001 година. Се побара и подостојно обележје.
– Точно 24 години сме со голема тежина во срцата. Тие несебично се одзваа на повикот на татковината. Никогаш нема да се заборават. Синовите на мајките и татковците, сопрузите и татковците на децата ќе се паметат вечно како херои, кои го положија живото за татковината – се истакна на местото на погибието.
Претставници на бранителите повторија дека 24 години бараат подостојно спомен обележје.
![]()

