Рубинчо Белчески, в. д. претседател на главниот одбор на Сојузот на борците од народноослободителната и антифашистичка војна на Македонија 1941-1945 и граѓаните продолжувачи и претседател на Боречката организација на Прилеп – градот херој упатува честитка по повод 2. Август.
Денес, го чествуваме Денот на Републиката. Повод се двата Илиндени, оној од 1903 година, како израз и стремеж за слобода на македонскиот народ, кој заедно со другите народи во Македонија, ја создадоја Крушевската република и оној од 1944 година, кога партизаните, учесниците во народноослободителната и антифашистичката војна 1941 – 1945, го продолжија револуционерниот од на илинденците и преку АСНОМ, удрија камен темелник и го остварија повеќевековниот сон на многу борбени генерации за македонската државност.
Во името на Боречката организација на Македонија и граѓаните продолжувачи, упатуваме честитка до сите граѓани со желба за просперитетна европска Македонија. Македонија, која ќе се темели на Крушевскиот манифест, со повик на заедништво, без разлика на верата, народноста, полот и убедувањето, и Македонија, која ќе се темели на принципите, Манифестот и уставотворните одлуки на АСНОМ – симболот на суверенитетот.
Во името на оние со чија крв е испишана македонската историја и чии коски се посеани низ нашата сакана и напатена татковина, ги повикуваме сите општествени и политички чинители во ова предизвикувачко време, да работат за доброто на граѓаните, економски и културен напредок на Република Македонија, почитувајќи и негувајќи ги придобивките на минатото: национална слобода, мир, социјална правда, еднаквост,заедништво, соживот и взаемна почит.
Честит денот на Републиката!
![]()

