Страшни удари по ѕидовите го разбудија Стив. Скокна од креветот и ја грабна пушката што секогаш му беше прирака, оти местото беше мало, а куќичката осамотена на крајот од селото. Со пушката и електричното фенерче ѕирна во собата од Џени, така се викаше непознатата девојка што ја сретна кога се враќаше од север. Спиеше.
Ударите по ѕидовите не престануваа. Беа доста силни и јасни. Се повторуваа во редовни интервали. Како некој да маваше со поголем камен. Стави куршум во цевката и низ еден прозорец се извлече надвор од куќата.
Рекчето жубореше во близината, а некоја утка уташе некаде во шумата. Полната месечина го капеше во фосфоресто сребро заспаното село.
“Како на филм!”, му блесна во главата.
Со демнење бараше подолго време околу зградата,. Никого не најде. Се врати и ѕирна со фенерчето во спалната од Џени. Одеднаш виде нешто неверојатн. Батериското радио на транзистори што беше на масата полека, без шум летна и се спушти на душемето. Влезе сосема во собата и се приближи до креветот. Без да сака го допре чаршавот и потоа почна подобро да го испитува: чаршавот беше тврд како штица!
Минуваа дни и ноќи. Недели. Месеци. Стив немаше повеќе сомневање дека ударите по ѕидовите и по мебелот, преместувањето од место на место на различни предмети без да ги допре ги предизвикуваше Џени. Но, изгледа не беше свесна. Повеќе пати најде некаква течност во фиоките без да знае како дошла и зошто не течеше низ пукнатините од фиоките. Таа течност исчезнуваше мистериозно како што се јавуваше.
Една ноќ ги регистрира на магнетофонска лента ударите по ѕидовите и по мебелот. Следната ја пушти лентата да ја чуе Џени. Девојката се расплака. Стив зачека да проговори.
– Мислев дека сето тоа ќе мине, ама ете, не поминало.
– Дека ќе помине? Што е “тоа”?, праша.
– Мојата болест.
– Која болест?
– Па ете, сите овие појави. Бев на лекување. Очувот и мајка ми повеќе пати беа истерани од станот заради мене. Соседите се жалеле за тропањето по ѕидовите. На крајот се ослободија од мене со тоа што ме дадоа на лекување во една клиника. Побегнав од клиниката и ве сретнав на патот онаа ноќ кога се запознавме. Се плашев да не ме пронајдат преку полицијата и затоа не сакав да ноќуваме по мотели.
– А докторите што ви велеа?
– Ми велеа дека сето тоа ќе ми помине кога ќе се омажам. Изгледа дека такви манифестации предизвикуваат некои момчиња во пубертетот, особено девојчиња како мојов феномен. Девојките се предизвикуваат по пубертетот. Ги нарекуваат парапсихички феномени и ефекти. Науката засега не може да ја објасни болеста.
– Зошто зборувате за болест, штом таквите несвесни манифестации се со помин, а ги предизвикуваат девојки што инаку се сосема здрави и нормални?
– Да, ама сето тоа е проблем. Кога ја слушнав магнетофонската лента, ме фати некаков страв. Кој знае какви се тие таинствени и огромни сили во нас, што предизвикуваат такви манифестации!
– Немојте да си ја измачувате главата со такви прашања – ја посоветува Стив со спокоен глас и додаде со лукава насмевка:
– Се знае, ќе исчезне кога ќе се омажите.
Џени ги избриша солзите и почна да ја суредува софрата. Стив ги стегаше забите и помалку се давеше. Девојката не беше свесна за својата привлечност. Зрачеше сексибилност. Повеќе пати тој мораше да вложи голем напор на волјата да се воздржи, “да не пушти рака”. Но, во прашање не беше само тоа. Неговото чувство немаше само сексуален карактер, туку подлабок. Се заљуби во Џени. А, таа, што ли чувствува за него?
(продолжува)
![]()

