Детската креативност, со безрезервната природа, предизвика интерес на изложбата “Наследство од вечната љубов” со делата од младите уметници Јана и Софија Тодорови, отворена во ЦК “Марко Цепенков”. Преку делата јасно се гледа слободната ликовна игра и нивната раскошна имагинација.
Јана Тодорова од Скопје е ученичка во ОУ “Петар Поп Арсов”. Била учесник на ликовни натпревари и конкурси во училиштето, каде во 6 одд освоила прво место. Во творештвото детето со прилепско потекло, се забележува дар кон апстракцијата. Делата í се одликуваат со раскошна сликарска палета.
– Експресивниот карактер на богатото ликовно изразување открива вешта употреба на линијата во различни големини и насоки, карактеристични текстури, разновидни форми и исклучително чувство за боја. Покрај експресивните апстракции, вклучени се и пејзажи со извонредно познавање на перспективата, функцијата на бојата, како и употребата на текстурата – вели Викторија Димеска, историчар на уметност.
Софија Тодорова од Скопје е ученичка во ОУ “Петар Поп Арсов”. Учествува на ликовни натпревари. Во 2 одделение, го освоила првото место на училишниот ликовен натпревар.
– Ликовниот израз на Софија, исто така со прилепско потекло, се истакнува со моќен експресивен потег и живописна колоритност. Апстрактниот јазик содржи разновидни линии, форми со различни големини и впечатлив спектар на бои. Во композициите, динамичните сликарски потези создаваат релјефна структура на површината на платното. Софија поседува исклучително чувство за употреба на бојата, што јасно се гледа во нејзините колористички интервенции – потенцира Димеска.
Безбројни емоции извираат од богатото колоритно творештво на сестрите Јана и Софија, изразени преку бојата и движењето на линијата.
![]()


