Градот станува градилиште

Плоштади, мостови, влезови…

Интензивна инфраструктурна активност во неколку фази ќе има следниот период во градов. Градоначалникот Борче Јовчески официјално потпиша договор со Владата за поддршка за 2025 година на неколку проекти кои драстично ќе го подобрат животот на граѓаните.

Според Јовчески, обезбедени се околу 8 милиони евра, главно за капитални проекти. Предвидено е да се реконструира дел од плоштадот “Методија Андонов – Ченто”, да се гради нов мост на ул. “Победа” да се реконструира влезот во градот од насоката на Македонски Брод, односно ул. “Орде Чопела” во Варош.

Покрај тоа, се планира целосна реконструкција со нови електроинсталации на ул. “Трајко Николоски”. Се очекува да се обнови детското игралишта зад Участакот и кај типските куќи.

Градот, преку владата, ќе гради водоснабдителен систем за селото Лениште и ќе се реконструира цевководот за индустриската зона и манастирот кај селото Селце. ЈП Водовод и калализација доби средства за поставување на фотонапонска централа кај пречистителната станица, со што ќе се намалат трошоците за струја за функционирање на постројките за пречистување на фекалните градски води. Исто така, за ЈП ВиК се обезбедени средства за интеграција на системот СКАДА со системот на ГИС платформата. Ќеима средства за замена на дотраената водоводна мрежа во центарот на делови на бул. “Гоце Делчев”, ул. “Кузман Јосифоски” и ул. “Ленин”.

ЈП Комуналец ќе добие пари за поставување на дваесетина полуподземни контејнери на повеќе локации. Од Министерството за локална самоуправа и Бирото за регионален развој се обезбедини пари и за подобро одржување на зелените површини со 2,5 милиони денари за мини багер со кој поефикасно и континуирано ќе се одржува зеленилото. Плус, околу два милиони денари за пошумување на споменикот на природата, Маркови кули. Парите ќе се искористат за опрема за садење и трактор со приколка.

Дел владините средства за Прилеп ќе се употребат за реконструкција на фасадата на ОУ “Рампо Левката”.

Лани прилепската локална самоуправа доби околу 3 милиони евра за кружниот тек кај мостот Табана и за изградба на дел од ул. “Победа” и за реконструкција на водоводот во центарот на градот. Овој проект е веќе завршен, а останатите влегуваат во градежна фаза следната недела.

Последните две години Прилеп доби поддршка од 11 милиони евра.

Loading