Даниел Мелвил – Македонска рапсодија 86

Бесплатна објава

На прагот од непознатото

Илјадници снегулки танцуваа пред фаровите од колата. Патот беше мрачен, пуст. Стив возеше полека, поради снегот. Со мразот нема шега! Благодарејќи на спорото возење, навреме ја догледа темната силуета завиткана во снежните пеперутки. Сопре и ја отвори вратата:

– Имате среќа. Да возев побрзо, ќе ве изгазев – велејќи го ова забележа дека девојката беше многу слабо облечена, речиси како за на средлето.

– Каде одите во три часот наутро? – ја праша.

Скржаво осветлена од одблесокот на ламбата во автомобилот стоеше неподвижно и го гледаше со очите што тој не можеше да ги види. Молчеше. Веројатно и студеше, но не оставаше таков впечаток. Се држеше слободно како да не го сеќава студот и налетите од северниот ветер.

– Ајде, ја покани Стив со поблаг глас

Ооткога седна до него, додаде.

– Се викам Стеван, Стеван Петрески, ама бидејќи овде вам ви е тешко да го изговорите моево име, сите ме викаат Стив.

Девојката молчеше. Северниот ветер со бесни јуриши се уриваше од планините и ја тресеше колата. Во текот на целиот инцидент Стив фрлаше по едно око во ретровизорот некој улав да не ги удри одзади. Патот понатаму остануваше пуст, мртов. Само моторот од колата тивко, рамномерно бучеше. Ставајќи ја во првата брзина, праша:

– А вие?

– Што?

– Како се викате?

– Дали тоа е важно?, праша непознатата со мелодичен глас.

– Не е, рече Стив.

Белите инсекти го играа и понатаму нивното немо оро пред фаровите. Стив пак зазборува:

– Не ми кажавте каде одите…

По кусо колебање нерешително му одговори:

– Не знам.

Забележа дека освен летниот фстан, не ја носеше, за жените, неразделната чанта.

– Нема каде да појдете?

– Да.

Помолчеа.

– Добро, ќе појдеме кај мене, рече Стив и објасни:

– Живеам далеку, многу далеку на југ. Овде е зима, а таму е речиси лето. Ќе треба да патуваме повеќе денови.

Очекуваше девојката да се буни, да одбие да оди далеку со непознат човек, кога се знае дека силувањата и убиствата се случуваат секој час. Таа само едноставно одговори:

– Подобро. Не ја сакам зимата.

– Вашата фамилија ќе ве бара…

– Татко ми е умрен. Мајка ми и очувот нема многу да се грижат заради моето исчезнување. Не ме сакаат.

– Заради тоа ли избегавте ноќва од дома?

– Не побегнав од кај нив, оти веќе подолго време не живеам со нив.

– Тогаш имате побегнато од некој маж.

– Не сум била со некој маж ниту ноќва, ниту, пак, било кога порано, доколку тоа ве интересира. Тоа што немам чевли е друга приказна.

Стив се наведе и почна да í ги допира нозете. Навистина беше без чевли! Чорапите и беа водени и скинати.

– Долго одевте боса?

– Запирав од време на време и си ги масирав нозете.

Стив запре, излезе и во куферот од лимузината најде крпа за бришење лице, чифт свои чорапи и еден мантил.

– Соблечете ги чорапите, избришете си ги нозете и облечете ги моиве чорапи и мантилов.

И наполни чаша кафе од термосот, и продолжи да вози.

– Ќе спиеме по мотели.

Девојката потскокна:

– Вие можете, јас ќе спијам в кола.

– Не плашете се, ќе земаме одделни соби.

– Не, не сакам, не ги сакам мотелите.

– Многу добро. Така ќе изарџиме помалку пари. Ќе спиеме двајцата во автомобилов. Се надевам  дека не се плашите од мене?…

Девојката ја наведна главата без да одговори.

– Не плашете се. Нема да ја злоупотребам вашава ситуација.

Непознатата тивко се расплака.

(продолжува)

Loading