Тамара Стојаноска, режисерка
Тамара Стојаноска е млада, но веќе етаблирана режисерка, која неодамна во Бугарија ја освои наградата за најдобар млад режисер, како и наградата од публиката. Претходно, на сцената на нашиот театар ја постави „Чиста куќа” од Сара Рул.
Претставата „Чиста куќа” која ја режиравте во театарот „Војдан Чернодрински” веќе го започна својот пат. Колку сте задоволна?
– Многу се радувам што претставата го започна својот живот и уште од самиот почеток постои интерес кај публиката. Исто така, многу ми е драго и истовремено интересно што текстот на Сара Рул и самата претстава предизвикува толку разновидни реакции кај гледачите. Некои се поврзуваат со хуморот, други ја доживуваат приказната многу емотивно, а трети се збунети од мешавината на жанрови и чувства. И тоа е сосема во ред. Токму таа разновидност ја прави претставата жива. Со секоја моја претстава сакам да зборувам за нас, за луѓето, за обичните работи во животот, за соочувањето со смртта, за ширењето емпатија и човечката душа – теми кои секој ги доживува на свој начин. Среќна сум за секоја изведба и посакувам претставата и понатаму да отвора сè подлабок дијалог со публиката и да има долг живот.
Со „Чиста куќа”, првпат соработувавте со нашиот театар. Што тоа значеше како прилепчанка?
– Во Прилеп имавме шанси да гостуваме двапати со „Грета”, со „Кенди” и со „Хинкеман” и секој пат се чувствувавме добредојдено. „Чиста куќа” ми е прво искуство во државен театар и многу ми значи што се случи дома. Многу е комплицирано да се договори процес во институција, зошто директорите тешко даваат шанса на помлади режисери, од различни (политички или лични) причини, а за режисери кои сами се борат за да творат, од огромно значење е ваквата шанса што ми се даде во Прилеп. Многу ми значат и сите моменти поминати со актерите, техничката екипа и сите вработени во НТ „Војдан Чернодрински”, особено кога сеуште работевме во театарот и ги фатив последните моменти во таа зграда полна со историја.
Режирате претежно претстави во независната продукција. Споредба, во театар што е под капата на државата?

– Да се работи на независната сцена значи да се избере пат без структурна поддршка, без стабилни услови и често со многу лични жртви и напори. Но, таа независност истовремено носи голема креативна слобода, флексибилност, автентичност и огромно искуство. Сè што правиме е резултат на силна лична мотивација, и сметам дека токму затоа независните продукции често се поискрени, директни и блиски до реалноста во која живееме. Тој дух сакам да го носам во сите претстави без разлика каде ги работам. За мене, доколку не постоеше поддршката од Театар „Златен Елец”, мојата прва претстава ќе беше „Чиста куќа”, а не седма. Независната сцена е слобода и потврда дека постојат и други начини на творење и надградување, и дека не треба да чекаме и да зависиме од институциите. Уметноста таму се создава пред сè од искрена желба за работа без разлика на условите или финансиите. Искуството со државен театар ми овозможи да ја видам другата страна, од одбирање на текст до процес со вработени актери, процес со малку повеќе ресурси и многу поголема техничка екипа од тоа што сме навикнати кога работиме независно. Сите искуства во театар се различни, и без разлика дали е независна или државна сцена, суштината во секој процес ми е иста, да се создаде искрена претстава и енергија на семејство во текот на процесот.
Неодамна во Бугарија бевте прогласена за најдобар млад режисер. Што ќе донесе на професионален план?
Тоа што најпрво бев дел од финалистите, а потоа и добитник на таква награда на Конкурсот за млад театарски режисер „Слави Шкаров” во Русе, за мене претставува огромна чест и важност. Учеството на вакви конкурси е значајно само по себе, каде најважно нешто е креативноста и се соочуваш со театарот во една најискрена форма. Беше навистина голем предизвик да се биде дел од еден толку уникатен театарски експеримент. Искреното, интензивно искуство што го добив таму ми донесе нови пријателства, нови можности и ми даде една охрабрувачка енергија да продолжам понатаму со мојот театарски свет. Особено ми значи поддршката од целиот колектив на Драмскиот театар „Сава Огњанов”, селекторката, организаторите, публиката, жирито и прекрасните актери со кои работев. Следната година повторно ќе се вратам во Русе, ќе соработувам со актерската екипа со која една недела интензивно работев, и заедно ќе ја реализираме претставата „Срце од ајкула”, според романот на Емили Хабек.
Следни планови?
– Следно ќе работам на текстот „Сина сенка” од Брајан Рејнолдс, во продукција на Театар „Златен Елец” – Скопје. „Сина сенка” ќе биде мојот прв проект во кој авторот е целосно вклучен во процесот, со директна комуникација, што за мене претставува голема возбуда, но и уште поголема одговорност. Веќе подолго време посакував ваков тип на процес, во кој ќе имам можност да соработувам и комуницирам со самиот автор. За мојот начин на работа, тоа претставува нешто ново и едвај чекам.
МУЗИКА И РЕЖИЈА
Тамара Стојаноска (театарски режисер) родена е во Прилеп. Средното образование го завршува во Државното музичко училиште во Битола, отсек музичка теорија и облигат класична гитара. Од 2015 година запишува два смерови на Факултетот за музичка уметност во Скопје: Музикологија и Сонологија. Од 2018 година запишува втор факултет на Универзитетот „Еуропа Прима” Скопје, смер театарска режија во класа на проф. Дејан Пројковски.
Како професионален режисер досега има режирано седум претстави и еден концерт.
![]()

