Пеце Белото ги уби внукот и правнукот и си пресуди

Трагичен именден го потреси градот

Петар Ѓоргиоски Белото (63) ги уби својот внук од сестра и неговиот 12 годишен син на Петровден, па се самоубил во неговиот дом на улицата “Стеван Апостолоски”. Со повеќе истрели првин го лишил од живот неговиот внук Панче Чупаркоски (43), па син му Миле. Неофицијално конфликтот бил поради имотноправни проблеми на сестрата и братот.

Според извори од МВР, околу 15-16 часот се слушнале истрели од огнено оружје од куќата на Петар Ѓорѓиоски – Белото, но немало пријава за било какво пукање. Сопругата на Чупаркоски и свекрвата упорно ѕвонеле на телефонот на сопругот и синот, но никој не се јавил. Дури отишле во куќата, но никој не отворал додека довикувале. Надвор го виделе паркиран автомобилот. Околу 21 часот сопругата пријавила во полицијата. Во обид полицијата да влезе во куќата, била дочекана со истрели. Белото им фрлил и бомба, која делумно експлодирала и не предизвикала повреди. Биле повикани специјалци кои дошле со хелихоптер во Прилеп. По полноќ специјалната единица Тигри влегла во куќата и пронашла три тела. Доктор од итната медицинска помош констатирал смрт како последица од огнено оружје кај П.Ч, П.Ѓ. и 13-годишен малолетник.

МВР најде чаури од огнено оружје и траги од проектили пред влезната врата во куќата. Во ходникот била најдена и една рачна бомба, а во собата пиштол со калибар 9 мм и пиштол калибар 7,65 мм, документи, парични средства како и договори за имот и останати документи.

Министерството потврди дека Белото го најавил мотивот на убиството со објава на ФБ. Се претпоставува дека статусот бил објавен откако, вујкото ги убил својот внук и 13-годишниот правнук околу 17 часот.

Инаку, Петар Ѓорѓиоски Белото живеел сам во куќата на родителите кои починале пред десетина години. Тој е син на познатиот прилепски поддржувач на палестинското движење на Јасер Арафат, Димче Ѓорѓиоски Докторот, кој работеше како продавач на бонбони во кината во Прилеп. Оружјето му било наследство.

Loading