ОТВОРЕНА ШКОЛА ЗА ТРУДНИЦИ – ЧЕКОР ПО ЧЕКОР ДО СИГУРНО ПОРОДУВАЊЕ

Д-р Билјана Кржеска, специјалист гинеколог – акушер, раководител на одделението за гинекологија и акушерство

При ЈЗУ Општа болница со проширена дејност – Прилеп, на Одделението за гинекологија и акушерство, отворена е Школата за трудници – простор каде идните мајки и татковци добиваат поддршка, знаење и охрабрување на секој чекор од патот до родителството?

– Отсекогаш сум размислувала за отварање на школа или обука за идните мајки на нашето одделение. Конечно се реализира идејата со помош на нашите пријатели, општествено – одговорните компании и здруженија. Со донацииите се опреми просторијата за изведување на часови. Обуката се состои од неколку часови кои се одржуваат еднаш или два пати неделно во зависност од пријавените трудници. Програмата е кратка, јасна, дирекна за лесно да разберат што сакаме да им кажеме и заедно да постигниме. Прво има дел со совети за последниот месец во бременоста, совети и објаснување на самиот чин на породување, како започнува, што треба да очекуваат, патеката на случувањата после приемот во болница, што се случува во родилната сала, како полесно да ги издржат болките и како да соработуваат за полесно и побрзо да се породат и да си олеснат. Како за предродилниот и родилниот период, разговараме и за постпородилниот период на леунство, што треба во тој период да се случува и како полесно да се снајдат првите денови после породувањето. Во делот за прашања, трудниците, сé што им е нејасно, што сакаат да дознаат, што сакаат да научат, може слободно да нé прашуваат. Исто така, имаме и час со лесни вежби за припрема на чинот на породување и за релаксација, техники на дишење во тек на породилните болки. Има совети за грижа и нега на новороденото, капење, преслекување, доење и совети за првите денови во домашни услови, како за мајките така и за новороденчињата за што ни помагаат колешките од неонатолошката служба. Часовите се одржуваат во попладневните часови во траење од 60 – 90 минути и предавачи се медицинска сестра и специјалист гинеколог – акушер.

Идејата е всушност да се пподготват мајките, да се разбијат сите стравови, сите прашања и погрешни информации добивени од нестручни лица или од интернет?

Во ова време кога сé е достапно на интернет и секој може да пишува и изјавува секакви совети да им кажеме што е точно, што од тие работи кои ги слушнале е вистина, а што не, што е важно во тие моменти, посебно за прворотките кои прв пат се соочуваат со оваа нова ситуација и нова улога во нивниот живот. Најчесто жените не се информирани за текот на породувањето, мислат дека после прием во родилна сала одма ќе се породат, не се припремени за јачината и интензитетот на породилните болки, потоа не соработуваат со нас и со тоа се пролонгира целиот процес. Затоа сме ние тука, целта на школата е да им објасниме, да ги запознаеме со сите ситуации и да ги припремиме за тие моменти и да им дадеме поддршка и сила за полесно да ги поминат. Важно е да имаат доверба во нас, да соработуваат и да ги следат препораките на гинекологот-акушер и акушерката и да знаат дека се во сигурни раце. Заедно ќе успееме тој процес да го направиме поубав и полесен.

Колку породувања има годишно?

Како и во целата држава, така и во нашиот град се следи тренд на опаѓање на бројот на породувања, посебно во последните 7 – 8 години, а во периодот од 2020 до 2024, кога имаше многу заболени од корона вирус, се забележа најмногу. Намалувањето се должи на намалување на бројот на деца во едно семејство, отселувањето на младите лица и секако сé почесто стерилитет кај брачните парови. Исто, голем удел има и одливот на пациентки во приватните болници кој е тренд во сите градови. Последните 3 години одржуваме некое ниво со околу 500 породувања годишно, слично како и во Битола.

Околу кадровската екипираност?

На Одделението за гинекологија и акушерство работат 6 специјалисти гинеколози-акушери, 24/7 има дежурен гинеколог. Во моментов, сме добро екипирани, имаме одлична соработка и колегијалност, нормално како и во цела држава, така и кај нас има потреба од нови медицински сестри – акушерки кои ќе се обучуваат за работа во родилна сала и на сите други оддели.

Породување со царски рез и кои други интервенции и операции се изведуваат?

Многу пати пациентките не се информирани или се погрешно информирани па нé прашуваат дали кај нас се изведува породување со царски рез или некоја гинеколопка интервенција или операција. За да нема забуни, да појаснам, на нашето оддление се изведуваат комплетни акушерски и гинеколошки прегледи во амбуланта, породување по природен и по оперативен пат со царски рез, сите гинеколошки еднодневни интервенции (биопсија на цервикс, фракционирана ендоцервикална киретажа, прекин на бременост, вакум аспирација при некомплетни абортуси, марсупиелизација и третирање на апсцеси на Бартолиниева жлезда, биопсија на вулва, екстракција на туморски формации на вулва и вагина и други) и абдоминални и вагинални  операции (абдоминална и вагинална хистеректомија, аднексектомија, овариектомија, миомектомија, конизација и други).

Современи апарати и нови методи?

Во моментот имаме два ехо апарати за прегледи, ЦТГ апарати за следење на трудници, две операциони сали од кои едната ќе се доопреми и реновира периодов и комплетен инструментариум за оперативни зафати. Во текот на оваа година, ќе имаме и нова опрема и обнова на некои делови од опремата со што ќе воведиме и нови методи. Најчесто, пациентките, покрај трудниците за редовни НСТ и ехо контроли, се јавуваат заради итни ситуации, болки во долен дел на абдомен, обилни крварења, компликација на постоечка туморска формација, трудници со комплицирани и ризични бременост, неуспешни бремености. Исто, имаме и пациентки за рутински и редовни контроли.

БРЕМЕНОСТА Е ПРЕКРАСЕН ПЕРИОД – ВАЖНА Е ПОДДРШКАТА ОД ПАРТНЕРОТ

Бременоста е еден прекрасен период од животот, а самиот чин на раѓање на нов живот е најсветото нешто за една жена, момент кој не се опишува со зборови и нашата одговорност не е за еден живот, туку за два и таа доверба која ни ја дале жените, ни го доверуваат најмилото, мора да ја оправдаме, да имаат убаво искуство и секогаш со радост да се сеќаваат на тие моменти. Нашата задача е да имаме здрави мајки и новороденчиња, кои и покрај силните болки и покрај долготрајноста на процесот и исцрпеноста, на крај ќе бидат среќни, задоволни и насмеани. Со нас се чекор по чекор до посигурно, посреќно и поинформирано породување.

Секако многу важна е поддршката од партнерот, па затоа во договор со пријавените трудници ќе одржуваме еден час заедно со идните татковци кои ќе изразат желба да присуствуваат.

Пријавувањето е лично во амбулантата на одделението или на броевите 075/378-980 и 078/243-170. Часовите се изведуваат во опремена, убава и светла просторија, со нагледни средства, постери, компјутер, клима уред, подлоги и пилатес топки за вежбање, кадичка и дел за нега на новородено што се изведува на кукла.

Loading