Остуни и Порта Цезарио мали шармантни апулиски градови

Остуни е град на длабокиот југ на Италија, во Апулија. Доаѓањето во градот не е тешко и патувањето од Бари не трае долго. Ова е град на култура, уметност, а шетањето низ историскиот дел и откривањето на неговите градби е убаво. Остуни е  бел град, а белината доаѓа од боењето на ѕидовите со бела боја. Вистински бисер е на италијанскиот југ, иако не  е многу познат во однос на другите градови во овој дел на Италија.

Интересен, со испреплетени тесни и кривулести улички, поделени дворови, помали плоштади. Во стариот град можеш да се искачиш преку скалила, а горе на врвот е катедралата Остуни. А додека се искачуваш нагоре, поминуваш покрај ѕидови и покриви на куќи издлабени во камен. Скалите водат до некогашните пет градски врати вградени во ѕидините кои го опкружуваат градот. Дел од ѕидините и дел од одбранбените кули се уште сведочат за историјата на градот

На Плоштадот на слободата  се наоѓа градската куќа и е поврзана со црквата Франциско. Доминира споменикот на Св. Оронзо, заштитникот на градот. Виа катедрала е улицата која води во стариот дел од градот и по која се стигнува до врвот. Таму е катедралата Остуни, а во овој дел се карактеристични ѕидовите со врати, пред кој секој посетител се фотографира. Едната е врата на рајот, другата на пеколот.

**********

Порта Цезарио е мало туристичко место, со убави плажи, хотели. Одлично место за одмор и за релаксација. Има доста хотели кои нудат луксуз, ама и други хотели  со одлична услуга, како и апартмани со прифатливи цени.

Она што е важно е дека освен плажи со лежалки и шатори , има и слободна плажа на која туристите доколку не сакаат да плаќаат, можат да се капат и сончаат.

Во вечерните часови во Порта Цезарио атмосфверата е жива. Рестораните, кафулињата, со жива музика, работат до доцна во ноќта, па секој посетител може да направи избор каде да седне и да ужива. Цените се незначително малку повисоки од кај нас. Раздвижено е и по главната улица со бројни продавници, кои нудат брендирани производи.

 А, морето е чисто, со песоклива плажа, топла вода. Одлично место за одмор е Порта Цезарио.

Се на сé, овие две јужно италијански места вреди да се посетат барем еднаш во животот.

Текст и фото Каролина Мицевска

Loading