НЕ РАБОТАМ НА ПРАЗНИК, ЗАТОА БОГ МЕ САКА?

Многумина прашуваат, дали се работи на верски празник?, дали сме да се пушти машина за перење?, дали смееме да се избањаме?. Прашањава не се смешни, туку се болни. Откриваат колку е заборавена суштината на верата.

Мнозина знаат дека “не се работи на празник”, но не знаат кој е светителот кој се слави, ниту зошто. На пример Вртолум, знаат дека не се работи, но не знаат дека се празнуваат апостолите Вартоломеј и Варнава. Тоа е останатото парче од верата, кое некому му изгледа доволно да си рече: “Не работам на празник, значи сум добар христијанин.”

Дали е така?

Уште има луѓе кои веруваат дека ако се искапат на празник или во петок, ќе ги снајде несреќа или казна, бидејќи ќе им се налути светителот. Замислете, не се бањаат “религиозни” причини”. Дали верата поучува дека ќе Го налутиме Бога со тоа што ќе бидеме чисти? Се разбира, не. Христијанството инсистира на чистота и на телото и на душата.

Уште потрагично е што истите тие луѓе кои “не работат” или “не се бањаат” на празник, воопшто не одат в црква, не се молат, не Му посветуваат ни миг на Бога. Правилото да не се работи на празник постои за да Му се посветиме на Бога, да бидеме со Него в црква, а не за да седиме дома.

Некој ќе рече: “Па, вие, православните сте неработници?”. Не! Целта не е да лежиме дома, туку да појдеме в црква, да се помолиме и да се соединиме со Бога и со браќата и сестрите.

Зошто се јавило правилото “да не се работи  на празник”.Што значи тоа?

Четвртата Божја заповед вели: “Помни го денот на одморот за да го празнуваш. Шест дена работи и врши ги во нив сите свои работи, а седмиот посвети го на Господа, твојот Бог!”. Во Стариот Завет тоа беше саботата, ден на одмор. По Христовото воскресение, го празнуваме неделниот ден како “осмиот ден”, ден на новиот живот, ден на воскресението кое е почетна точка на нашиот живот и вера.            Првите четири века од Црквата, Христијаните биле постојано гонети. Сепак, неколку пати во седмицата се собирале на Евхаристија (Литургија) и се причестувале. Тоа било сржта на нивниот идентитет. По четвртиот век, кога христијанството станало државна религија, доаѓаат значајни промени како последица на “бракот” меѓу Црквата и државата. Луѓето масовно станувале христијани. Ако дотогаш, да се биде христијанин значело да бидеш подготвен на прогон, маки и дури смрт за верата, станало престиж, мода, привилегија, пат за политички амбиции и кариера. Така се јавиле многу нови “номинални” христијани, без вистинска или силна вера. Христијани само по име, а без вера.

Црквите се полнеле со верници кои не биле воведени во верата. Така, светите отци опоменувале воздржаност од причест отколку да пристап со грешен и непокајан живот. Наместо да се покајат и да го променат животот, луѓето едноставно престанале да се причестуваат и, се случило нешто што во претходните 400 години никогаш не се случувало, верниците почнале поретко да даѓаат на Литургија. Номиналните христијани не го граделе идентитетот врз Литургијата и не се чувствувале обврзани да бидат дел од заедницата на Бог во Црквата. За тоа сведочи и 80-то правило од Шестиот вселенски собор кое претставува своевидна противмерка на оваа појава: “Оној што ќе пропушти три неделни Литургии и нема да се причести, автоматски се исклучува од Црквата”. Замислете, ако денес се применува ова правило, колкумина би останале в црква?

Најчестите изговори за неприсуство на богослужба бил: “Имаме многу работа, не можеме да одиме на Литургија…”. Да го поттикнат народот за на Литургија, византиските цареви донеле закон да не се работи во недела и празник, не како црковно правило, туку како државен закон, за луѓето да имаат време да бидат в Црква. И тогаш било дозволено на земјоделците да работат кога мораат да не пропадне, на пример, жетвата. И денес е така. Ако некој мора да ја спаси жетвата или да помогне некому, не е грев. Напротив, љубовта кон ближниот е најголемиот празник.

Оттука, правилото “да не се работи на празник” било одлука на христијанската држава Византија и било донесено за верните да можат да присуствуваат на Литургија, а не да се излежуваат по дома.

Често ме прашуваат: “Оче, дали смеам да пуштам машина на празник”?

Секако, смееш. Тоа е притискање на едно копче. Не одзема од времето кое треба да Му го посветиш на Бога. Порано перењето на постелнина, кебиња, јамболии и перници било тежок, целодневен труд на река или во корито, удирање со пиралка, перење на рака, сушење… Имало смисла да не се пере на празник, зашто одзема цел ден и нема да може да се појде в Црква. Денес машината пере сама. Може да се оди во црквата, а машината да работи. Од верниците зависи дали сакаат да појдат во црквата и да се причестат, зашто по тоа се препознаваат Христијаните. Ако на празник се постави друг приоритет, тогаш се прави пропуст. Тука би се сместило и пеглањето на алишта или одржувањето на чистотата во домот. Мнозинството домаќинки денес се вработени. Можеби единствен ден кога можат да зачистат во домот е неделата. Тоа не значи дека не треба утрото да дојдат на богослужба. Но, ако веќе мораат, попладнето ќе посветат време и на хигиената во домаќинството. Слично е и со бањањето, бришењето, миење чинии… Тоа не е грев. Зашто Господ вели: “Кој од вас не го врзува волот и не го носи на поење во сабота?”, значи, за неопходното секогаш има време.

Многумина се збунуваат околу боите во календарот. Црвени букви значат голем празник со полна богослужба, а црните исто празник, но со малку поедноставена полиелејна служба. Како и да е, и едните и другите се празници. Прашањето не е дали се со црвени или со црни букви, туку дали си дошол в Црква и дали си Му посветил време на Бога.

Празнување значи, одмор од рутината, Литургија, причест, храна за душата и помисла на Бога и на ближните.

Празнувајте со Бога, со заедницата, со љубов.

Отец Љупче Петрески

Loading