Директорот на ЈКП Водовод и канализација убедува
“Вода ќе има и нема место за загриженост, но треба да се користи рационално и домаќински”.
Ова го порача Игор Гулабоски, директор на ЈКП Водовод и канализација.
Намалениот притисок во вечерните часови се должи на енормната потрошувачка од 420 литри во секунда.
– Изворот Студенчица е засега во добра кондиција. Добиваме 290 л/сек, а од сопствени извори 20 л/сек. Тоа треба да е доволно. Но, последниве денови повисоките делови, како Точила, на повисоките катови, па Рид, паѓа притисокот, ама краткотрајно, меѓу 18 и 22 часот, по половина час до максимално 2 часа. Се трошат 420 л/сек. Тешко се усогласуваат потребите неколку часа, кога се трошат енормни количини. Остранет е овој проблем. Пренасочена е дел од водата од висока према ниска и обратно, но тоа не е практика и не е добро. При нормална потрошувачка треба да го вратиме системот според потрошувачката – вели Гулабоски.
Наплатата на смеките за вода е 95 отсто, а ЈКП Водовод и канализација должи по разни основи 30 милиони денари, од кои 10 милиони за ЈП Студенчица. Загрижува загубата во водоводната мрежа од дури 56 отсто, заради диви приклучоци, дефекти и технички загуби.
ЈКП Водовод и канализација преку Општината аплицира до владата за средства за шест проекти.
– Еден е за селото Селце. На левата страна веќе има мала индустриска зона и многу куќи. Профилот на цефките е мал и затоа ќе се променат и сите објекти ќе имаат поголем притисок. Линијата ќе продолжи до манастирот за да стигне дотаму вода од Студенчица. Вториот проект е водоснабдување на манастирот кај селото Лениште. Водата ќе се донеси од планината до каптажата над манастирот. Линијата ќе стигне со селото Лениште и сите активни куќи таму – рече Гулабоски.
Вода за Трескавец
Отстранети се дефектите и оштетувањата на водоводната мрежа на манастирот Трескавец, предизвикани од кражба на делови од опремата. Манастирот сега има вода со помош на Општината, Водовод и канализација и една општествено одговорна компанија.
– Резервоарите се полни. Останува манастирот да го реши внатрешниот дел од мрежата. Оштетеното е вратено во првобитна состојба. Проектот е комплетно завршен – вели Гулабоски.
![]()

