Пред замрзнатиот поглед од Гаро еден прозорец од минатото, а можеби и од иднината…?, се отвора во црвената дамка крв. Редовите од Библијата заигруваат македонско оро, тапани згрмуваат како ровји, кларинети, гајди, диви зурли запиштуаат како маката, како трагедијата со солзи оросена… Се гледа себе во родниот македонски град, уметник самоук, исмеван од некои сограѓани кои не знаат дека нема на земјава посилно и поефикасно оружје од науката, од уметноста, нема слободен народ без елита и тешко на нацијата која не знае да ги почитува своите најголеми чеда. Гаро, гладен и страден, жеден и бос, еден од многубројните Исус Христоси на трнливиот пат низ огнот и чадот од борбата за култура, за литар воздух и грам сонце за својот народ. Ристе Исус по вителите на патот кон слободата, и кој знае дека неговиот живот ќе биде недопиена чаша. Ја гледа во мислите својата сопруга, оставена во беда кај Солун, во Пирин, во Мала Преспа или во Охрид, своите несилни деца чии главички копнее да ги погали неговата тешка рака, која сепак знае да биде многу нежна. Ја гледа мајка си, Родната Земја. Душата, која до смртта негова ќе му остане жедна за живот, недозаситена за убавина, за љубов, душа која познава ками, бомби, револвери, пиштоли и… цртачка четка на специфичен иконописец-живописец, еретик за некои, брутално загорува, се распламтува во желба за нежност, за љубов што како див коњ галопира по бескрајните ширини. Душата му зажеднува, макар за секунда за компензација во женскитѕе прегратки за сета слава и мизерија, за сета валканост и чистотија, за сите рани по телото и по психата, за сиот страв и смелост, за сите милијарди познати и непознати хемиско-психички реакции на клетките и молекулите на воинот што оди од мрак до мрак, од бојно поле до бојно поле во војната за правда, за слобода, за сопствено и колективно усовршување, за изедначување со таинствените богови за кои зборуваат тајни и јавни преданија од секаде, од Јужна Америка, од австралиските староседелци, од Велигденскиот Остров, од Стариот Египет што ја даде христијанската вера, од Азија, Африка и… Библијата. Мал Македонец во голем свет. Давид преку Голијат…
Гаро ја затвора книгата и ја остава до себе на седиштето. Се загледува во рацете од калуѓерката спуштени на нејзиниот скут. Го гледа во очите како да е фасцинирана од она што во нив го открива. Бујните гради забрзано ја издигнуваат и спуштаат калуѓерската одежда. Нурнат во нејзините бескрајни очи, уметникот Гаро гледа спектар од бои, од пејзажи, од панорами; шуми, разбранувани житни полиња, океани со далги белогривести, зраци светлина што како сноп што се шири пробиваат облаци и стигнуваат до поврвнината од земјата; развиврирани атомски честички што идат од бескрај и одат кон бескрајот, нешта што тој не би знаел да ги опише со збор, оти зборови за нив уште не постојат во денешниот човечки јазик. Јазикот од Гаро е “четката на оној што умее”, на уметникот, цртачкиот молив, тушот, бојците… Тој, микроскопски син на микроскопска татковина, син на исто така микроскопска планета која живее, дише, се движи низ универзумот чии закони, тајни, она што за човекот е најважното, минатото, иднината, во најголем дел на ова афионско зрнце – човештвото, уште не му се познати. Ги гледа тие убави женски раце и неговата психа, – душата?, – исполнета со бранови должини од бои станува свесна за сето она неизживеано, недоживеано, за сé она за што, – како да го нарече? Срцето можеби?, – срцето на еден патриот и револуционер, на еден Исус Христос меѓу милиони Исуси е жедно и без што неговата душа ќе престане да биде организиран комплекс од биохемиско-психички елементи, фактори, акции, и ќе се врати таму од каде што дошла: во мистериите на движењето низ време и простор. Душа жедна за живот, гладна за љубов. Душа што копнее за пауза меѓу две битки. Пауза исполнета со жена која истовремено е мајка, сестра, љубовница. Зар не е речено дека светов бил изграден на љубов?
“Господи, запази ме од Ѓаволот!”, молат црвените усни од калуѓерката. Очите í се врзани за орелскиот поглед од Гаро. Градите возбудено играат со калуѓерското облекло. Рацете и се залепени за колената и прстите до болка ги закопала во месото. Возот јури низ италијанската ноќ. Чукаат колцата по челичните шини. Го мерат човечкото време од животот на овој свет. Гаро ја остава својата посестрима, камата. Станува и ја заклучува вратата од купето.
(продолжува)
![]()

