Културата не е трошок, туку иднина

70 години на Заводот и музејот во Прилеп

Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј на први јули со изложба и доделување на благодарници официјално одбележа 70 години од основањето. Прославата ќе трае до крајот на годината, под мотото “Јас, Ти и Музеј”.

– Не славиме само јубилеј, туку одбележуваме една приказна, полна со љубопитност, истражување, борба, неуморна работа, желба за знаење, заедништво и, пред сé, луѓе. Музејот не е само зграда, туку срце што чука 70 години, за културата на Прилеп, за иднината на нашите деца, и за спомените на оние кои нé донесоа довде. Визијата ја имал основачот, д-р Бошко Бабиќ, првиот директор. Тој не гледал на минатото како на нешто што треба да се заборави, туку како на нешто што треба да се прераскажува и оживува. Така музејот стана дом на историјата, уметноста, сеќавањата, документите, ракописите, предметите, идеите… 70 години подоцна, продолжуваме, не со копирање на минатото, туку со градење на иднината. Со дигитални алатки, современи изложби, едукативни програми, нови изданија, реновирања и нови концепти. Затоа, мотото е “Јас, Ти и Музејот”. Значи, дел од нас. “Јас”, како индивидуалец што учи, “Ти”, како пријател, поддржувач или посетител, и “Музејот”, како простор што поврзува. Тоа е магија на културата… Институцијата ја движи тим што не е само “вработен кадар”, туку алхемија на знаење, страст и љубопитност. Тука се археолози, историчари, етнолози, уметнички историчари, конзерватори, библиотекари, архивари, правници, економисти, фотографи, техничари, возачи, администрација… Секој со  својата улога да се направи музејот жив, достапен, отворен, модерен и значаен. Создаваме проекти, отворени за волонтери, уметници, туристи. Не се плашиме од новото. Напротив, го прегрнуваме. Како и да е, културата не е трошок. Таа е иднина. Историјата не е товар. Таа е патоказ. Музејот не е простор. Тој е приказна – потенцира Мимоза Христоска, директор на Заводот и музеј Прилеп.

Loading