Во Ветеринарниот центар “Вито вет”
Веќе седум месеци функционира хотелот за миленици во рамките на Ветеринарниот центар “Вито вет” со капацитет за 10 кучиња и 10 мачки. Се згрижуваат само мали раси домашни миленици, кучиња и мачки кои добиваат нега, храна, флаширана вода, љубов, внимание и прошетка во 24 часа. Сопствениците, ветеринарните лекари Мартин Камчески и Бојан Стамадџиовски, ја прошириле услугата со пансионот на барање на клиентите кои се соочувале со потребата од професионална грижа за нивните миленици додека се на работа, на одмор или се спречени.

– Корисниците добиваат храна, флаширана вода која не е контаминирана. Малите раси кучиња некогаш имаат специјални потреби, специфична храна. Навикнати се на почести прошетки и им излегуваме во пресрет. Сопственикот, првпат кога ќе се раздели од миленикот, може да чувствува несигурност. Но, на кучето или мачето му требаат само 10 минути да се прилагоди – објаснува Мартин Камчески, ветеринарен лекар и сопственик.
Предност е што корисниците на услугите не се сами. Секогаш има други животни што за нив можат да бидат забава.

– Постојано се изнесени на прошетка, им пуштаме телевизор и го слушаат гласот на кој се навикнати. Важна е социјализацијата при првиот прием. Имаме персонал кој е постојано задолжен за грижа, а и ние сме им на располагање 24 часа. Пансионот е под видео надзор – вели Бојан Стамадџиовски, ветеринарен лекар и сопственик.
Кај малите раси промената на просторот влијае психолошки. Откако ќе излезе кучето од дома, условите треба да му бидат приближно исти. Некои с е научени да лежат на двосед, а не надвор на услови кои се поблиски до природата.
Интересот е задоволителен. Уште е ново, ама прилепчани се навикнуваат. Се надеваат дека во иднина ќе го прошират хотелот.






– Важно е кога сопственикот ќе си го земе своето милениче по 4 – 5 или 10 дена, тоа да биде весело и негувано, како што било кога било донесено. Весело без депресија и тага. Задоволните сопственици веднаш размислуваат за сместување следен пат – вели Стамадџиовски.
Единствено сопственикот треба да донесе поводник и околувратник, кучињата да се психолошки смирени. Може да му се донесе омилената играчка. Тогаш има помалку “плачки”. Брзо се навикнуваат. Ако е нешто загрижувачко, се контактираат сопствениците.
– Милениците треба да се вакцинирани и здрави. Не се примаат женки кучиња и мачки во менструален циклус (еструс) од безбедносни причини и да нема вознемирување на останатите животни – вели Стамадџиовски.
Со услугите на “Вито вет”, сопствениците на миленици безгрижно може да одат на одмор во летниот период. Или со дневниот престој, безгрижно да се предадат на работните обврски. Имаат клиенти и од Штип, Кавадарци, Неготино.
Центарот располага со ветеринарна амбуланта (манипулативни, хируршки, профилактички услуги), лабораторија, аптека и пет шоп.
ЦЕНИ ЗА ПОЛН ПАНСИОН
За кучиња, престој со едно ноќевање е 700 денари. До 5 ноќевања, дневно е 600 денари, а над 5 дена е 500 денари од ден.
Цената на пансионот за мачки е 300 денари.
Дневниот престој чини 400 денари за периодот од 9 до 19 часот.
КЛИМАТИЗИРАН АМБИЕНТ ЗА ПРИЈАТЕН ПРЕСТОЈ
Климатизран е хотелот и престојуваат на пријатна температура. Разликите во температурата може да предизвикаат проблеми. Телесната температура им е од 38-39 степени. Не е проблем 4-5 степени плус или минус. Ако е повисока темепатурната разлика се митарат, фоликулот на влакното се стега на ладното, а надвор се шири и настанува митарење кое тешко се сопира.
ВНИМАТЕЛНО НА ЖЕШКОТО ВРЕМЕ
Најчести интервенции во овој период е заштита од надворешни и внатрешни паразити, од лашманијата, туѓи тела од прошетки низ сува трева и паркови. Жешкото време за милениците е штетно, исто како и за луѓето. Особено оние со скратена муцка и со црно крзно. Не смеат да престојуваат на сонце од 10 до 17 часот. Постои опасност од топлотен удар. Треба да имаат достапност до свежа флаширана вода и да не се форсираат со храна. Оброкот да биде подоцна во денот. Сопствениците да се советуваат со ветеринарните лекари доколку забележат промени кај милениците.