Десет километри за пет минути

Отворена е за сообраќај делницата Фариш – Дреново

Отворен е за сообраќај патот Фариш – Дреново  долг 10 километри по завршувањето на најкомлексниот дел за градба во Дреновската клисура од експресниот пат од Фариш до Градско во должина од 26 километри. Вкупната вредност е 44,74 милиони евра, финансирани со заем од Европска банка за обнова и развој. Се скусува патувањето од Градско за Прилеп, Битола, Ресен и понатаму.              

Премиерот Христијан Мицкоски рече дека проектот е директна инвестиција во развојот, безбедноста на регионот, на државата, на секој граѓанин.

– Патот е од витално значење за Кавадарци, Прилеп, Битола и за Ресен. Сега е време кога проектите не се рекламираат на хартија, туку се градат на терен, кога парите од граѓаните се враќаат назад кај граѓаните, преку патишта, училишта, фабрики. Со чесна работа, домаќинска политика и партнерства ја менуваме државата. Патот е порака дека ако се сака, се може. Македонија не е осудена на застој, туку е на патот на напредокот – нагласи Мицкоски.

Според него, нема да се изневерат очекувањата на граѓаните.

– Нема празни зборови. Доказ се патиштата, обновувањето на училиштата, реконструциите на болниците… Нова економија, индустрија, нови работни места. Време е на одговорност и изградба. Доаѓа времето на Македонија, време на чесна власт, јасна визија и видливи резултати – посочи Мицкоски.

Директорот  на ЈП за државни патишта Коце Трајановски потсети дека патот бил почнат во 2016 година, но поради недоволна активност и раскинатиот договор во 2021 година, бил потпишан нов. Имало пролонгирања, ама сега е завршен и ќе се вози по безбеден и модерен пат.

Трајаноски најави дека за брзо ќе почне и постапка за изградба на трета лента од каменоломот до вкрстувањето за селото Беловодица. Се преговарало и за изградба на експресен пат што ќе води до Прилеп со тунел под Плетвар.

Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски рече дека ова е можеби втората најтешка делница од сите кои се работат во моментов.

– Тунелите и планината беа голем предизвик. Буквално, планина се помести да се изведи безбедно експресниот пат. Значи од Скопје до Прилеп ќе се доаѓа за час и 15, 20 минути – подвлече Николоски.

Loading