Гаро повика такси и го стигна возот во една станица, каде запрел. Во последниот миг скокна од автомобилот и успеа да се качи на возот. Монахињата, која седи сама во купето, исплашена, изненадена од Гаро кој влегува како неочекуван удар од силен ветер, се прекрстува и мрмори: “Господи, пази ме од Ѓаволот!”. Отворената Библија и се слизнува од рацете и паѓа на подот. Гаро се наведнува, ја зема и учтиво и ја подава на калуѓерката. Таа пак се крсти и мрмори нешто за Сатаната.
Костенлива коса, големи очи како филџани, околу 30 години. Убава е како ангел. “Шејкер!”, си вели во себе на својот дијалект.
Калуѓерката не смее да го погледне младиот човек, видно физички јак, со остар поглед чиј челичен блесок фасцинира, хипнотизира. Гласот му е чудно висок за широките гради. “Господи, пази ме од Ѓаволот!”, се крсти и се моли монахињата.
Сами се во купето. Возот треба да стигне во Рим на полноќ . Тоа значи дека, доколку калуѓерката патува за истиот град, ќе бидат заедно повеќе од 12 саати.
Ангел. Шејкер. Преубава ќерка на Италија. 30 години. Калуѓерско облекло. Што ја натерало младата жена да стане монахиња?
“Господи, запази ме од Сатаната!”, се крсти и се моли калуѓерката. Што би рекол Фројд за ова инсистирање од нејзина страна? Таа шепоти со плашливите очи, скришно го погледнуваат сопатникот. Гаро ја вади од левата пазува верната кама, го подава лактот кон калуѓерката и се чпарнува. Крв црвена како цигла потекува од пресеченото место.
– Јас, света сестро, не сум Сатаната, туку сум човек од месо и од крв!”, вели Гаро.
– Кој сте, одвај слушливо шепотат коралните усни од калуѓерката.
– Балканец, Македонец сум. Револуционер. Одам во Рим на таен конгрес како делегат на Организацијата. Не сакаме богатство, не сакаме пари. Се бориме за човечки правдини, за слобода.„
Прекрасните очи од калуѓерката првпат подолго се сретнуваат со пламнатиот поглед од големите очи на Гаро, чиј челично сив поглед напати сече како нож. Во длабините на очите како Јадранското Море, срамежливо, дискретно светнува љубопитство, интерес. Проспер Мериме вели дека интересирањето е претсобје на љубовта…
Капка крв од Гаро се слизна по кожата од лактото и падна на отворената Библија, што калуѓерката ја држи на колениците. Гаро ја зеде книгата и се загледа во црвеното петно на мистериозниот документ што е Библија, и во кој се раскажува за борби, за одмази, за богови дојдени од небото на сончеви кораби, за народи кои се борат да не бидат истребени, за да останат живи. Тешка борба против прогонувачите, бројните, посилни, подобро вооружени. Библијата, историски документ за минатото, сегашноста и иднината на најеволуираното животно, човекот, хуманоидот. Боговите ќе се вратат, можеби, на земјава тогаш кога човечката цивилизација, луѓето, ќе се дигнат до рамништето на боговите, дојдени од темните далечини на небото, на вселената, од планети оддалечени со илјади светлосни години. Богови, можеби браќа на човекот.
(продолжува)