Браво за децата од ОУ “ Кире Гаврилоски – Јане”

Втора награда во Брисел

Учениците Марин Христоски и Алексеј Мицкоски од ОУ “Кире Гавриловски – Јане”, под менторство на наставничката Соња Јорданоска, освоија второ место на Европскиот квиз на пари за 2025 година во Брисел. Младите од областа на финансиската писменост, во конкуренција 700 деца од земјите на Европа, успеаја да ги соочат своите знаењата со врсниците и да се искачат речиси на врвот.

Првопласирани биле ученици од Италија, а зад прилепските биле шведски деца.     

Успехот им го честитаа и министерката за образование и наука Весна Јаневска и гувернерот на Народната банка, Трајко Славески.

Јаневска истакна дека освојувањето на второ место во Брисел е доказ дека имаме успешно спроведување на програмите.

– Децата учат како да управуваат со парите, како да креираат буџет, како да пресметуваат ризици. Македонија и лани и годинава покажува дека изобилува со таленти кои освојуваат награди. МОН е тука да ги поддржи. Во новата законска регулатива се предвидува поддршка и за учениците, но и за организаторите на меѓународни олимпијади или друг тип натпревари – рече Јаневска.

Маја Стевкова Штериева, претседателка на Македонската банкарска асоцијација, изјави дека нашите ученици го освоиле второто место во силна конкуренција на околу 70 000 ученици од Европа откако победија и на Националниот квиз на пари.

– Седум години  испраќаме македонски тимови на натпреварувањето во Брисел. Четири пати сме биле меѓу првите три. Големо задоволство и радост е интересот на децата. Тоа придонесува за нивна финансиска едукација и воопшто за населението – вели Стевкова Штериева.

Проектот за финансиска едукација на ученици од 13 до 15 години на Европската банкарска федерација се организира од 2017 година.

Македонската банкарска асоцијација го организира националниот натпревар и учеството на победничкиот тим на Европскиот квиз на пари.

Loading