ТЕАТРИТЕ ДА ОРГАНИЗИРААТ СЦЕНСКИ ЧИТАЊА НА ДРАМИ И РАЗГОВОРИ СО ДРАМСКИ АВТОРИ НА СВОЈОТ РЕПЕРТОАР

Разговор со Ана Ристоска Трпеноска, драмски автор

„Парови” доби награда за современ драмски текст на 59. Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински” во изведба на Драмски театар од Скопје. Наместо конвенционалното прашање, што ви значи наградата – се препознава ли, вреднува и мотивира домашниот драмски автор кај нас?  

Драмските автори во Македонија прво треба да бидат поставени на театарските сцени. Нашите генерации драматичари од регионот редовно се поставуваат на театарските сцени во нивните земји и за своите драми добиле по неколку Стериини, Држиќеви, Борштникови и други награди. Континуирано создаваат современа драматика. Ние уште поставуваме драмски текстови инцидентно, а не како резултат на некаква институционална културна стратегија. Додека е така, не можеме да зборуваме за значењето на драмскиот автор во Македонија и негово вреднување.

Потписник бевте на драмски текст на уште една претстава на МТФ, „Сите прекрасни нешта” во изведба на штипски театар. Како што чувствуваш, така и пишуваш? Колку секој текст проаѓа низ тебе, низ сите сетила, доловувајќи ги актуелните теми на секојдневието?

Пишувам за тоа што најдобро го познавам или чувствувам. Моите текстови и теми се одраз на она што, во одредена возраст, го чувствувам и имам потреба да го преработам – на моето емотивно зреење. Дури и кога пишувам текст по нарачка, како што беше случајот со двата последни проекти за Театар ОДА во Приштина и Сцхауспиелхаус (Шаушпилхаус) во Виена, сепак морам добро да ја познавам темата, материјалот, да бидам емотивно подготвена да можам да почнам со пишување. Верувам дека така е и со режисерите и актерите.

Лекува ли театарот?

Театарот може да предизвика одредена емотивна состојба, која за некого може да биде исцелувачка, лековита.

Случајно или намерно, вашите текстови ги поставија жени режисери. Колку подобро се разбирате или станува збор за превласт на женските имиња во театарската уметност?

Пиркажаните претстави на фестивалот се режирани од жени режисерки, со кои и генерациски сме блиски. Со Нела заедно студирав. Соработката, на некој начин, настанала природно. Другите мои текстови се режирани од мажи режисери. Искрено, не гледам разлика во соработката со режисерите според пол или род. Драго ми е што во Македонија има подем на жени режисери и авторки – и во театарот и во филмот.

Во театарски проект бевте и со сопругот Костантин Трпеноски кој беше сценограф. Колку е добро или лошо или колку брачниот живот ви е „театар„?

Коста е архитект. Работи во својата професија. Како сценограф, можеби има сработено и повеќе проекти од мене во театар. Знам дека има повеќе  награди на “Чернодрински” од мене. Нас, голем дел од времето ни е посветено на своите професии. Гледаме тие да не ни го земат и она малку останато време што го имаме приватно.

Кои се прекрасните нешта за кои вреди да се живее?

Има многу. Сонцето што секој ден одново изгрева.

Моментниот професионален ангажман и повеќе за Фестивалот во Грац кој Ве спречи да присуствувате на доделувањето на наградите во Прилеп?

Од лани сум член на германскиот комитет на мрежата Еуродрам. Заедно со колегите ги одбираме најдобрите драми од германското говорно подрачје. Во рамките на фестивалот во Грац, кој се одржуваше во исто време со фестивалот „Војдан Чернодрински”, имавме настан Драма Њалкс и панел-дискусија со автори и преведувачи, каде што бев ангажирана како комодераторка. По тој настан имав премиера со театарот Сцхауспиелхаус во Виена. Беше неможно да се вратам повторно во Прилеп да ја примам наградата.

Колку со конкурсот „Горан Стефановски” за најдобар драмски текст од македонски млад автор или со „Драмолетањето„, со активностите на Еурородраам се мотивираат млади драмски автори? Како треба поинаку?

Наградата за најдобар драмски текст „Горан Стефановски” е одлична идеја за стимулирање и откривање млади драматичари, бидејќи Драмски театар се обврзува да го постави наградениот текст на својот репертоар. Тоа што наградата не се додели годинава зборува за ситуацијата во која се наоѓа нашата драматика, односно за еден дисконтинуитет во развојот, кој, пак, е последица на многу фактори. Затоа, можеби треба да се размисли за ревидирање на условите за доделување на наградата. Дали тоа треба да биде готово напишан текст или идеја за текст што ќе победи на конкурсот, а потоа ќе се развива заедно со авторот и тим од драматурзи, режисери и актери од Драмски театар?

За фестивал „Војдан Чернодрински”, кој секоја година овозможува промоција на наградените автори и преведувачи од мрежата Еуродрам, а годинава почна и нова платформа – „Драмолетање” – може да се каже дека тој е единствениот фестивал каде драмските автори добиваат видливост и шанса за вмрежување со театрите. Убаво би било кога тоа не би било само еднаш годишно, на овој фестивал, и кога театрите би организирале сценски читања на драми и разговори со драмски автори на својот репертоар. Драмските автори треба да бидат присутни во театрите, да се зборува за ситуацијата со домашната драма и, со поддршка на театрите, таа да се надмине.

Работите и живеете во Виена. Тежи ли каменот на своето место повеќе?

Јас немам чувство дека не живеам во Македонија. Како да сум постојано и тука и таму. Дури и кога физички сум на едно место, работата онлајн и зборувањето и пишувањето на два јазици ми даваат чувство дека сум на двете места.

Идни планови и ангажмани?

Работата како драмски автор е неизвесна и бара голема флексибилност. Никогаш не знам ништо со сигурност, а обврските и ангажманите никако да завршат. Последниве две години постојано влегувам од проект во проект. За половина година имав три премиери надвор од Македонија на текстови што ги пишував на германски и англиски јазик. Иако театрите во лето се затворени, сега работам на проекти кои треба да се реализираат до крајот на годинава, меѓу кои и еден во Македонија. Следуваат резиденции и фестивали.

ДЛАБОКА ПОТРЕБА ЗА ВЕЧНОСТ

Вие сте прилепско чупе. МТФ со Музејот во движење потсети на тројцата прилепски доајени меѓу кои и вашиот татко Кирил Ристоски кој беше на чело на фестивалот долги години. Какво беше чувството?

Мислам дека секој што се занимава со уметност, со театар, има длабока потреба за некаква вечност, бесмртност и оставање траги. Знаејќи го тоа, и сè она што мојот родител го направил за македонскиот театар како актер и педагог, школувајќи генерации актери кои денес се првенци во театрите, и сè што придонел за развојот на фестивалот – секако дека ми е драго кога некој ќе му оддаде почит. Многу сум благодарна на уметничката директорка Ана Стојаноска и на целиот тим на фестивалот. Убаво би било и другите културни институции редовно да се сеќаваат на многу наши творци кои придонеле за развојот на македонскиот театар.

Loading