Првите собири по 10 јули

Фудбал: Победа и Големо Коњари

Ако се знае дека последниот меч беше на 25 мај, за Куп со Стрела од Ерековци, а првиот следен собир за старт на подготовките е најавен за околу 10 јули, одморот за тренерите и фудбалерите на второлигашот Победа ќе биде околу 45 дена. Ова „околу” е поради тоа што точен датум не е одреден за старт на подготовките.

За преодниот рок е потврдено дека единствен заминат е Метин Ќерими. Се преговара со многумина кандидати да дојдат во Победа.

Во клубот Големо Коњари, новиот второлигаш, а и воопшто во целото село и околните места, најактуелно е дотерувањето на игралиштето, соблекувалните, трибините, осносно сите простори за исполнување на условите за повисокиот ранг. Најновата вест сепак е одредувањето на датумот за старт на подготовките. Според новиот тренер, шефот на Стручниот штаб Јовица Блажески, во консултација со асистентот Горан Касниоски, Управниот одбор предводен од претседателот Тони Даноски, ден за почеток на летните подготовки, за првиот собир и тренинг ќе биде 13 јули – недела. Се чини оптимален датум ако се земе предвид дека Втората лига стартува на 23 август. Во поглед на летниот преоден рок засега за заминат се смета Христијан Кукески во Швајцарија, но од клубот откриваат дека се во преговори со повеќе фудбалери, па натаму може да се очекуваат нови играчи, засилувања во Големо Коњари.

Дека ништо друго не се случи, потврдуваат од ОФС Прилеп.

Loading