Илчо Наумоски (33) има приватен музеј од Југославија
– Желба му е да се негува културата, традицијата
– Збирката да прерасне во музеј отворен за посетители
Признанија, ордени и медали доделувани на воени и цивилни лица за различни заслуги од времето на поранешната Југословенска држава, грижливо чува Илчо Наумоски (33). Иако е одделенски наставник, тој е небаре кустос кој има приватен музеј од времето на ЈУ. Чува споменици на загинати партизани, албуми, капи од државни служби и воени плакети од ослободувањето до распадот на државата во која ниту бил роден, ниту пак живеел, уште помалку се сеќава на предметите произведени во Југославија, а кои биле секојдневие на некои други постари генерации од него. Чува спомени од Олимписките игри во Сараево, 1984 г., од Летните медитерански игри 1979 г. во Сплит, од Универзијадата во Загреб 1987 г. и други настани, останати во колективната меморија.

























– Почнав со купување на одликувања на интернет. Ми беа интересни ордените, медалите. Сакав да соберам мала колекција. Имав само една петокрака, значка. Почнав со медалите. Само нив да ги соберам и толку. Но, излегуваа нови, прв втор ред. Првиот орден што го купив е Орденот на трудот во претпријатија. Беа 300 – 500 денари, а поскапи се со уверение во кутија – кажува младиот коелкционер Илчо Наумоски за својот приватен музеј од времето на Југославија.
Збирката содржи сведоштва од прехранбената, текстилна индустрија. Дрвната, електро и машинска индустрија. Има предмети од козметичката и тутунската индустрија. Монети и банкноте од ЈУ, предмети од ЈАТ (Југословенскиот авиотранспорт), разгледници, торби што ги носеле пилотите, патнички карти, поштенски марки и други работи.
– Капи од службите од ЈНА, полиција, пожарна, шлемови, од морнарица и противоздушната одбрана и други. Ретки се, купувани од интернет. Од Гардата капата е 400 евра. Откупував плакети доделувани за различни заслуги. На пример, плакетата “Дрвар” во оригинална кутија. Интересен ми е Илинденскиот орден доделуван за сите учесници само во Македонија. Редок е, бидејќи носителите ги закопувале со нив. Имам и партизанска споменица. Собирам и предмети и од нацистичкиот период – вели Наумсоки.
Најчесто купува од интернет од колекционери од Босна, Србији и Хрватска. Има орден и Народен херој што ги имаат народните херои и реплика на орденот, кој Тито му го доделил на Прилеп и чини 500 евра.
Приватната збирка, во која и предмети користени во домаќинството, содржи над 2 000 експонати. Се наоѓа во дома во просторија од 12 м2.
– Иако не сум живеел во југословенско време, многу ми е интересно. Само купувам. Сакав да заокружам период, да се зачува нешто што се користело. Телефон, грамофон, телевизор, кујнски апарати, пегли, греалки – вели Наумсоки.
Досега инвестирал над 10 илјади евра. Чека да порастат цените. Редовно на интернет контактира со колекционери, кои собираат предмети од Кралството на Југославија, милитарија, нумизматичари.
Има играчки од Бисерка Загреб, од Југопластика. Спомени од пионерите, од работните акции, од фудбалскиот сојуз на Југославија, чува значки.
Желба му е да се посетува музејот. Љубопитните посетители кои сега доаѓаат во неговиот дом, изненадени се интересот кој го пројавува Наумоски.
– Се чудат како момче од Прилеп, го собира минатото на кое не се сеќава. Сликите и предметите им будат спомени, се сеќаваат на времиња минати, на животот кој сега го нема. Сакам моралните, етичките и културните вредности да се почитуваат. Да придонесеме поголема ангажираност во образованието, ученикот сам да запамети што има за домашна работа, а не мајките да видат и прочитаат на Вибер или Фејсбук – објаснува Наумоски.
Пријателите му дале идеја да ја направи приватната збирка која сонува да ја развие во приватен музеј заедно со Министерството за култура.
Наумоски во старата чаршија има дуќан за уникатни рачни изработки.
СЕТ ОД БАВАРИЈА ЗА СМРТТА НА ТИТО
– Сетот од Бавариа, Германија, произведен во лимитирана серија по повод смрта на Тито 1980 г. го купив од Хрватска за 500 евра, а чини 2 000 евра и многу се бара на пазарот. Имам чинија од “Савезното извршно веќе” од Белград, од трпезаријата, каде што престојувале голем број високи гости. Меѓу кои кралицата Елизабета, Нил Амстронг, Ричард Никсон, Џими Картер и други. Имам програма и протокол за Никола Чаушеску при посетата на Југославија. И Покана за Денот на Републиката – вели Наумоски.
СПОМЕН ОД ЛАЗАР КОЛИШЕВСКИ
– Поседувам картичка што стоела на патничката торба, со име презиме од Лазар Колишевски и партизанската споменица за која верувам дека е оригинал. Ги платив 5000 денари од колекционер од Скопје. Значајно е што бил претстваник на Македонија.