ПРВИ ВО РАКОМЕТ ВО НОВОИМЕНУВАНОТО УЧИЛИШТЕ ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ ВО КАНАТЛАРЦИ

Сеќавање на Томе Велјаноски за училишните денови

Крајот на учебната година вообичаено ги буди спомените особено кај оние кои одамна ги напуштиле училишните клупи. Сеќавањата за училиштето остануваат длабоко врежани кај секој поединец. Најчесто предизвикуваат пријатни чувства, радост за безгрижни мигови, период минат во смеа, дружење и совладување на нови знаења, надополнето со натпреварувачки дух. Најинтензивни и незаборавни, се чини, се кај прилепчанецот Томе Велјаноски од Марул кој пензионерскиот живот го минува во Шведска. Како ден му се чисти и бистри во умот многу случки, но најсилна и највпечатлива му е прославата и промената на името на училиштето од Ирфан во Гоце Делчев во селото Канатларци. Ја памети и победата на ракометната екипа чиј состав сеуште го знае наизуст. Тогаш, во училишната евиденција Томе Велјаноски бил со презимето Јовчески.

Настанот се случил на 4 мај 1965 година кога за прв пат се одбележал патрониот празник на тогаш преименуваното основно училиште Гоце Делчев во село Канатларци. Во рамките на прославата, ракометната училишна екипа го освоила првото место.

-Со сменувањето на името на училиштето од дотогашното Ирфан во Гоце Делчев се одржа голем народен собир со разни активности организирани од Управата на училиштето: ликовно, атлетика, ракомет и друго пред голем број присутни гости, над две илјади на таа величествена прослава – се сеќава Томе Велјаноски, од Марул кој живее во Шведска.

На прославата присуствувал Раде Ристески, претседателот на општината Тополчани, Алексо Каламукоски – референт за воената служба, Ванѓел Димоски – референт за воени прашања од НОВ, инаку од село Ерековци, а роден во Бонче. Присутен бил и Димче Велјаноски, директор на ЗИК Прилеп. Двајцата реонски милиционери Блаже Гичето Плетварецот и Ристе Бурма, каленчанец и Раде Романовски од Горно Агларци кој бил за сообраќајна безбедност и жител на Тополчани. Била и целата просветна служба на општина Тополчани. Имало екипи од осмолетката “Круме Волнароски од с. Тополчани, “Браќа Миладиновци” од Добрушево и “Крсте Петков Мисирков” од с. Лагово. 

Маркоски Трајан од с. Ерековци бил пекарот вработен со договор во училиштето, а кој бил одговорен за бели печива и леб за учениците. Бил присутен цел ден во кујнските простории додека била прославата организирана од Општина Тополчани.

– Директорот на училиштето Благоја Дамческиод с. Канатларци имаше припремано голем реферат за значењето и менувањето на името на училиштето од Ирфан во Гоце Делчев. Читајќи го рефератот, на неколку пати, си ги бришеше очите со неговото џебно шамивче. Најверојатно од големата возбуда за новото име на училиштето и делото на Делчев кој е навлезен во срцата на македонскиот народ кој за слобода и животот го положил – раскажува Велјаноски.

Памети дека училишната кујна била цел ден отворена. Служителите Наум и Славе на сите кои ќе побарале им давале намачкано лепче со маргарине и мармаладе, бесплатно. На сред селото мензата од ЗИК Прилеп работела цел ден и таму многу луѓе оделе и си правеле гозба. Отворена била и продавницата од претпријатието Црна Река, а која била во близина на мензата во Канатларци.

После читањето на рефератот, се одржало литературно – поетското читање н акое најдобера била ученичка од Добрушево. На ликовниот натпревар победил Добре Вршкоски од Ерековци, инаку наставникот по математика во училиштето Гоце Делчев во с. Канатларци. Го нацртал ликот на Делчев, а можел да учествува иако не е ученик бидејќи имал 25 години.

– Во натпреварот во атлетика, првото место го освои Сирма Стојаноска од осмо одделение од ОУ Гоце Делчев. Втора била осмоодделенката Цена Карабелеска од ОУ Круме Волнароски од Тополчани. Трета беше ученичка од училиштето Крсте Петков Мисирков од с. Лагово чие име и презиме не ги паметам – вели Велјаноски.

Гостинските училшни екипи носеле свои навивачи.

Активен бил и училишниот хор под раководство на Борче Динаро од с. Ерековци. Имало и свирачи на гајда. Се испеале многу патриотски песни.

По завршувањето на прославата во чест на новото име Гоце Делчев на училиштето, сите гости си заминале.

За освоеното прво место во ракомет, одделенијата 8а и 8б отишле на тридневна бесплатна екскурзија во Западна Македонија. Го виделе Скопје, дебарските бањи и Охрид.

Сеќавањата за прославата на првиот патронат во ОУ Гоце Делчев, сеуште живеат кај учениците. 

НАГРАДАТА СО ПАРИ НЕ СЕ КУПУВА

Победата во ракометниот натпревар му припадна на домаќините, на екипата од ОУ Гоце Делчев која ја совлада екипата од Тополчани со пет гола разлика (17 – 12).

-Вриеше игралиштето од народ. Најсреќен беше наставникот по физичко воспитување Богдан Стојаноски кој живееше во Прилеп. Наставникот по биологија и хемија, Стојан Малчески од голема возбуда и радост, го соблече палтото и го фрли високо нагоре и му се растурија парите од кесето. Стојан не ги собра парите и рече, парите ќе дојдат со платата додека наградата со пари не се купува, само со вложен труд. Настана голема смеа – се сеќава Велјаноски.

СОСТАВ НА РАКОМЕТНАТА ЕКИПА

1.Глигороски Сребре, со рацете на половината, 8б оддление од с. Ерековци; 2. Ристески Боне, 8а одд. од с. Марул; 3. Јовчески (Велјаноски) Томе, 8а одд. од с. Марул; 4. Србиноски Мице, 8б од с. Ерековци; 5. Митрески Алексо, 8а од с. Марул (стојат од десно према лево).

Клечат: 1. Јоноски Рафе, 8б одд. од с. Ерековци; Тренески Лазо, голманот 8а одд. с. Канатларци и 3. Ристески Бале слаткарот, 8 б одд. од с. Ерековци.

На крај стои наставникот по физичка култура Богдан Стојаноски со негвото дете Роберт.

Loading