Откриени гробници од хеленистички период

Над Марковите кули

Пет нови камени гробници во карпа, открија археолозите од Заводот и музејот на локалитетот Крклари над Марковите Кули. Гробниците датираат од хелинистичкиот период, од времето на македонските кралеви Филип Петти и Персеј. Се утврдуваат меќу првиот и вториот век.

Археологот и конзерватор Владимир Крстески, вели дека овие гробници се единствени во регионот. Сведочат за постоењето на високоразвиено општество со јасна социјална хиерархија.

– Овој тип гробници се специфични. Претставуваат единствена појава во прилепско. Се закопувале видни граѓани. Локацијата може да биде голема туристичка атракција. Гробниците се со препознатливи архитектонски елементи, дромос (пристапен ходник), преткомора и главна комора за положување на посмртните, односно спалените остатоци на покојникот. Хронолошки,  датираат во првиот и вториот век од нашата ера, односно во доцно-хелинистичкиот период. Со доистражувањата ќе се дополнат сознанијата за погребувањето на луѓето од повисокиот општествено-политички статус за време на владеењето на последните македонски кралеви Филип Петти и Персеј – вели Крстески, потенцирајќи дека се планира понатаму да станат туристичка атракција.

Комплексот Маркови Кули крие многу камени гробници. Сѐ уште не е утврден точниот број. Првите истражувања ги спровел археологот Бошко Бабиќ во шеесеттите години. Досега се евидентирани 27 гробници, три во битолски Суводол, четири во гевгелиско-валандовскиот регион и една кај Кратово, на локалитетот Дупка.

– Специфично е и тоа што се наоѓаат во близина на античките градови Керамија, кој бил во непосредна близина, односно на Марковите Кули и во близина на античкиот град Колобаиса, односно во Горно село кај Трескавец. Тоа докажува дека овие градови живееле и имале висок политички и економски статус. Регионот е една огромна некропола. Пронајдени се уште два гроба од подоцнежниот период, од средниот век. Во иднина истражувањата ќе покажат што се крие околу Марковите Кули – објаснува Крстески.

Loading