Турканица за Економско
Не е случајно, не е чудно што сé повеќе полуматуранти ја препознаваат иднината за продолжување на образованието во СОУ “Кузман Јосифоски – Питу”. Доказ е податокот што во првиот уписен рок зголемен е бројот на ученици за прва година за сто отсто. Напорните стремежи на наставниот кадар да привлечат повеќе деветтоодделенци и да го зголемат бројот на профилите ги даде резултатите. Популарното економско е избрано од повеќе ученици како стабилна прспектива за кариерата. Се избира некоја од повеќето насоки, профили, бидејќи се надежни и ефектни не само за вработување, туку и за продолжување на едукацијата на универзитетите, особено за економските и правните науки.
Таму не се совладува само теорија, туку се стекнува реално знаење со пракса за економијата, правото, бизнисот, банкарството и менаџментот.
Економската и правната струка, заедно со дигиталниот маркетинг, претставуваат основни и трајни потреби на секое општество. Тоа се модерни и динамични професии кои се бараат денес, утре и секогаш. Не се тренд или куса побарувачка на пазарот на труд, туку се суштински за функционалноста и развојот на државата, институциите и приватниот сектор.
Економистите се клучни во анализа на пазарите, креирање економски политики и управување со финансиски ресурси. Бизнис администраторите и правниците обезбедуваат сигурност, заштита на правата и ефикасно функционирање на правниот систем во секоја организација. Дигиталниот маркетинг е незаменлив во информатичката ера. Овозможува комуникација меѓу компаниите и потрошувачите, градење на брендови и поттикнување на економски активности преку дигитални канали. Дигиталните маркетери се сé поважни со развојот на технологијата.
Матурантите од Економското се двигатели на напредокот и клучни кадри за градење конкурентно, праведно и просперитетно општество.
![]()

