Еден друг “специјалец” од плејадата телесно ненормални и умно заостанати луѓе во градот, имаше обичај да појди в чаршија и таму, штом некој ќе му речеше нешто, макар и добар ден, ќе се раскараше и развикаше. Потоа се враќаше задоволен дома. Ама чашурзлиите се опасни, обично со сосема секојдневен, “банален” изглед. Во себе носат филозофија, иронија и хумор стекнати низ универзитетите и факултетите на чаршиски луѓе затоа не е пожелно да се потценуваат интелектуално. Чаршузлиите се договориле никој ништо да не му вели на спомнатиот човек. Овој дошол, прошетал лево-десно. Никој ништо не му вели, како да бил невидлив. Не можел да издржи, застанал “средулица” и се развикал: “Анде-де, мајката ваша, ај речете ми нешто!”. А чаршузлиите, излезени пред вратите од дуќаните, го гледале и ги слушале грозните пцости на адресата на се живо и мртво, специјално по женскиот список во домаќинските книшки.
Некои “подебели” од овој алабак, подебели во главата, со повеќе од “300 грама” мозок, настрадувале во чаршијата. На пример, некој офицер од касарната, тргнал да се пошегува на сметка од простите дуќанџии. Дошол до пазарот и почнал да ги праша луѓето што им е тоа обесено околу појасот (унечката) и за што им служи. Безжичниот чаршиски телеграф веднаш проработил. Прашаните, кои ги нервирал не само со српскиот јазик, туку и тоа што им се обраќал со “друже”, му велеле: “Немој, друже, ич не прашај!”. Позаинтересиран за мистеријата, офицерот инсистирал и, најпосле, некој постар бафчанџија му ја открил тајната: “Друже, ќе ти кажам, унечкава ја носиме да ни држи сенка на таквото” (и му објаснил дека “таквото” е извесен алат многу важен за овековечувањето на човечкиот род на земјава).
Има многу раскажување за умоболни и клошари од нашиот град, оти, сполај му на Бога, не недостасуваат глави во кои некоја штица е откована или, пак, ја нема, но целта е да кажеме збор-два за Киро Цепачо. Тој со сестра му Цвета живее во една куќичка среде градот, покрај една од двете реки што минат низ него. Пред куќата имаа градина со неколку овошни дрвја, метли и други растенија. На двајцата, можеби, им недостасуваше некоја шајка во главата. Ама, живееа и го вадеа лебот со работа. На Кира никогаш не му го дознав презимето. Сите го викаа Цепачо, оти одеше по куќите, се пазареше да сечи дрва, обично за дневна надница, во зависност од количеството дрва за сечење, плус ручекот. Потоа ги стокмуваше своите алати: магарицата, пилата, секирата, и ќе му удреше да работи. Кога некое дрво беше многу отпорно, со еге ја остреше пилата, ја намачкуваше со крпче натопено со газија и… напред! Од време на време запираше “да се издиши”. Завиткуваше цигара во парче весник. Во еден таков момент ми рече, тогаш бев дете и го набљудував како работи, – дека “знаел француски”, па дури и германски (веројатно бил главен како работник од Французи или Германци кои престојувале во нашиот град). Го прашав како се вели на француски дрво. Ми одговори: Са ба, ду, ду, мерси, аљаба. А, а секира? Са ба, ду, ду, мерси, аљаба. А куќа? Е, куќа се вели на француски: са ба, ду, ду мерси, аљаба. А, браво! Случајот беше ист како и познавањето на кинескиот јазик од друг сограѓанин кој бил некогаш пред војната во Кина. За него кинескиот јазик се сведуваше за било што на следниве “зборови”: мо-хи.хо-хо, ха-ха-ха-ха. Како и да е, Киро си имаше занает и различни алати со кои ги дополнуваше основните: пилата, секирата и магарицата, оти професионалното цепење дрва бараше и други алати, како и заштита од кожа за дланката од раката што ја турка пилата, итн.
После Втората светска војна и Македонската револуција, настанаа големи промени во нашиот град, како и низ целата ослободена територија. Имаше лошо и добро. Од лошото би спомнал овде некои од последиците на промените, на пример оние предзвикани со големите миграции од селата по градовите. Довчерашните селани, кои со векови живееле во својот амбиент, се управувале од обичајно непишано право, го твореле македонскиот фолклор, откорнати од тој свој биотоп, се најдоа во градови каде на некои од нив како да им се запечати капациетот за здраво резонирање. Оние кои зазедоа одговорни места почнаа да преземаат не само добри акции, туку и негативни. Дотогашниот вековен начин на живеење во село беше брутално прекинат и не успеваа секогаш, во земјата и во странство, да работат заедно, “екипно”. Оти за екипната работа треба култура, подолга традиција. Старото градско неселение, поплавено од овие новодојдени жители, заради нив, а и последично на промените предизвикани од новиот плитички режим, се осети агресирано. Почна да регресира, зашто беше нагло нарушен начинот на живеење, кристализиран со вековите. Додека некои акции се покажаа потребни и успешни, други беа спротивни на претензиите од “новото време” за повеќе хуманост, за напредок, за култура, итн. Спрема планот за новото уредување на територијата на нашиот град, – доколку навистина постоеше некаков план, – почна да се турка, да се урива и што треба, и што не треба. За некои објекти тоа претставуваше вистински непростлив вандализам.
(продолжува)