Изложби во ЦК “Марко Цепенков”
Вечерва од 19 часот во Ликовната галерија од ЦК “Марко Цепенков” ќе биде отворена изложбата “Уметност во простор” од уметниците Катерина Деспот и Касиопеја Наумоска.
Авторките ја обработуваат темата на интимноста преку специфичен визуелен пристап, кој произлегува од внимателно “грабнување со поглед” на моменти од секојдневната реалност.
– Преку суптилна обработка на емоциите и нивната визуелна интерпретација, го изразуваат својот карактерен уметнички манир, обидувајќи се да ги доловат и сокријат истовремено. Интимниот ефект е постигнат преку свесен фокус врз предметната стварност, со што се гради простор исполнет со колоритна носталгија, која од една страна потсетува на плакатната уметност, а од друга отвора длабоки лични и емотивни слоеви преку фрагментирани еротиконски форми. Овие елементи функционираат како движечки принципи при конструирањето на интимизираната слика, каде вниманието на гледачот постојано се задржува на горниот ракурс. Изложбата отвора прашања за времето, брзината, недостаток и немоќ за фаќање. Делата не нудат затворени одговори, туку постојат како уметничка недореченост, со асоцијативна отвореност што ја поканува публиката на лично “допишување” и интерпретација – потенцира Бранче Трајкоски.
“Пејзажни преображенија” од Ордев, Ранѓеловиќ и Лазоски
На 17 јуни, вторник од 18 часот во фоајето од ЦК “Марко Цепенков” ќе биде отворена изложбата “Пејзажни преображенија”. Уметниците Данчо Ордев, Владан Ранѓеловиќ и Владимир Лазоски ќе се претстават со над 30 дела.