Гром ги удри засилувачот и трите звучници на градскиот саат. Куртулил компјутерот. Веќе два месеца електрониката не функционира. Не се слуша препознатливото одбројување на времето во електронска форма како на камбана на секој час. Дознаваме дека локалните власти ангажирале фирма да го отстрани дефектот и наскоро од градската саат кула да излегуваат звуци за мерење на времето, автентично како старата метална камбана.
Инаку, градскиот саат датира од 1858 година. Постар е од лондонскиот Бег бен. Градителите, мајсторите Христо Тасламиче и Петре Лауцо со тајфата, го кренале во шестоаголна форма од камен со вар, песок и јајца. Висок е околу 38 метри. Машината била донесена од Виена со брод до Белград, а потоа со арабаџиски коли до Прилеп.
Првично на врвот имало крст, но во социјализмот бил заменет со петокрака. Со почетокот на плурализмот, вратен е крстот на највисоката точка.
Пред десетина години беа преземени технички зафати за запирање на навалувањето на југозападната страна. Сатот и сега е навален за 1,14 метри од нормалата.
На плочата над влезната врата пишува – “Чукањето на саатот не е секогаш означување на времето. За животот и времето што минува саатот жали и вика …Ах”.