Зоран Василески (45) го има најголемиот миленикк
Миленикот е повеќе од друштво, небаре пријател, човек. Љубов која тешко се разбира, грижа која бара постојана посветеност, 24/7 и во лето, и во зима. Бара и средства, а возвраќа љубов, релаксира, опушта. Прилепчанецот Зоран Василески има редок љубимец. Го има најголемиот и најинтересен миленик. Тој е човекот кој има куче како лав. Кога човек ќе го здогледа низ прилепските улици, веднаш се прашува, што чудо ќе да беше, како лав избегал од зоолошка градина, или голем бушавко кој се движи. Тибетскиот мастив се вика Виски. Тежи околу 80 килограми. Тој, не само во Прилеп, туку и во Македонија е единствениот примерок од расата, која е најскапа во светот и има потекло од Монголија. Го нарекуваат уште и џин меѓу кучињата.

Желбата за таква раса на куче, на Зоран Василески му се родила уште во 2007 година кога на интеренет видел објава за најскапото продадено куче во Кина, за фанстастични 1,7 милиони долари.

– Ме привлече расата, беше тоа хемија и поскавав да го имам. Желбата ми се оствари во 2022 година – објаснува Зоран Василески, сопственик на тибетскиот мастиф.

Отсекогаш сакал животни. Додека работел во Швајцарија, првичната идеја за отворање подвижна “берберница” за кучиња ја преобразил во инвестиција да ја исполни својата желба и го купи миленикот кој го посакувал и сонувал многу години. Додека го ковал планот за бизнис, повторно окото му го запнала истата фотографија со тибетскиот мастиф. Се пуштил во акција.

– Со специјален превоз, со флуоросцентно светло во боксот, кучето стигна во Германија, па во Лозана, Швајцарија каде што живеев. И во Швајцарија беше уникатен, единствен. Го поистоветуваа со чау – чау. Ги минавме сите формалности и процедури. Оттогаш до денес сме заедно. Беше стар две ипол месеци со тежина од 15 – 20 килограми. Сега има две ипол години и тежи 80 килограми – раскажува Василески.

Во Швајцарија го чувал во стан. Со постојана достапност на храна, го навикнувал да биде тивок, да не цивка, да не лае. Му пуштал и музика. Виски е куче кое поминало и дресура, според тамошните закони и правила.
– Виски е како човек, едуциран. Одевме 8 месеци на социјализација. Научи да го почитува сопственикот и да не е агресивен кон луѓето и другите кучиња. Инаку, ќе завршеше во логор или ќе го успиеа. Виски е чувар, не напаѓа, тоа му е во природата. Во Монголија се како кучиња чувари на крупни стада стока. Легендата за настанувањето на расата упатува дека е од монах – објаснува Василески.

Од јануари 2024 година, Виски е прилепчанец. Зоран секоја вечер и утро го шета низ улиците. Жештините добро ги поднесува, а ужива во снег. Признава дека по работниот ден, Виски го релаксира.
– Единствена слабост ми е тој. Го чувам како дијамант. Навечер е дома и точно по лаењето знам дали има некој во дворот, куче, маче или човек. Внуците слободно влегуваат дома. И татко ми се обидува да го придобие со храна, но Виски точно знае кој е неговиот сопственик – вели Василески.
Идејата му е да направи одгледувачница на тибетски мастив. За Виски, да најде женка. Но, овојпат, ќе бара куче од Непал.
Додека се шетаат низ прилепските улици, Виски е атракција. Малите деца го доживуваат како пони коњче. Уличните кучиња не му се доближуваат, почитувајќи ја природната хиерархија.
Љубоморно, Василески го сака Виски само за себе. Искуство и предизвик за третман е за ветеринарите. Само еднаш го однел на изложба и никогаш повеќе, бидејќи нема конкуренција, нема со кого да се натпреварува, бидејќи е единствен во Прилеп и Македонија.
Зошто Виски?
Името Виски го добил по бојата крзно кое му е густо, со нијанси од црно црвени до златно жолти, како бојата на вискито во чаша со мраз. Влијание имал и филмот со Бад Спенсер и коњот Виски.
АВТОФАГИЈА ЕДНАШ СЕДМИЧНО
– Дневно јаде по 500 грама говедско месо, или пилешко или лосос. Еден ден во седмицата не му давам ништо да јаде, практично е на автофагија, само на вода. Тогаш му се чисти организмот од паразити – вели Василески.

КОПАНИЧАРСТВОТО – ВТОРА ЉУБОВ
Василески, освен што е љубител на животни, љубител е и на уметноста.
– Ирзаботувам икони и портрети во ореово дрво. Научив од чичко ми, кој ми го остави и алатот. Копаничарството е занает. Треба и дарба и трпение, бара тренинг – вели Василески.