ЉУПЧО ДИМЕСКИ
Со песната “Прилепе граде мој”, утре, сабота, во ЦК “Марко Цепенков”, КУД “Пензионер” при Здружението на пензионерите од нашиот град со голем, меѓудржавен концерт ќе ја одбележи 50 годишнината од постоењето. Покрај домаќините, на роденденот ќе учествуваат гости со хорот “Абрашевиќ” од Врњачка Бања од Србија и пејачката група при здружението на жените “Преродба” од Прилеп.

КУД “Пензионер” е основано во 1975 година, како наследено пејачко друштво на тајфата на “Шиндевци”. Еден од долгогодишните членови е Љупчо Димески, кој годинава слави 30 години од пејачкото членство во културно уметничкото друштво на пензионерите.
– Бев, би рекол млад. Не бев пензионер. Ме привлекуваше нивната определба за македонската народна музика. Се зачленив да пеам. Како инвалидски пензионер, се пензионирав порано по силата на приликите. Во мене секогаш тлееше меракот за пеење. Имав нешто како наследен дар од баба ми Вита. Така со голема љубов станав пејач како пензионер во две здруженија. И сега плаќам членарина кај пензионерите, инвалиди и во ЗП Прилеп. Ја сакам музиката, ми лежи народниот месло, уживам во акордите и хармонијата на народните песни. Ми се полни душата, духовно ме храни, а со пеењето си го одржувам и си го продолжувам животот. Тоа е за мене ова КУД. Сум оставил траги во музичкото поле во градот, Македонија и во поранешна Југославија заедно со сегашните дваесетина пејачи и неколкуте десетици од порано – вели Димески кој е баритон.

Историските корени на распеаното културно уметничко пензионерско друштво се од пејачката група “Шиндевци”. Така станало првин “Распеани прилепчани”, односно “пензионери”.
– Само неколку пејачи не бевме пензионери. И тогаш, и сега имавме многу настапи со оркестарска придружба не само во Прилеп. Кога беше претседател на пензионерите, Пандо Бачанов, заради недостиг на средства, се трансформиравме во пензионерското друштво. Станавме КУД “Пензиоинер” сопензионери пејачки, пејачи и оркестар. Освоивме многу награди. Ќе ја споменам Златната плакета на Илинденските денови во Битола. Редовно настапувавме на Охридскиот балкански фестивал, каде беве носители на многу награди и признанија. Бевме дел од програмата на манифестацијата “Дерсет дена Крушевска република”. Пејачково друштво го водев 15 години. Кога се оценни дека сме успешни, се организираа друштва и во другите пензионерски здруженија во земјава. Им бевме урнек , како да се основаат, да се развиваат и да нижат успеси како нас. Така се создаде годишната манифестација од државен карактер, музичка ревија на песни и игри, во организација на Сојузот на пензионерите на Македонија. Нема град каде не бил слушнат нашиот глас и нашата музика. Сме пееле во многу градови, во Србија, бевме и на фестивалот на “Трето доба” во Словенија. И друштвото и лично сме носители на повеќе десетици благодарници, повелби, награди. И градот, локалната самоуправа оцени дека ја заслуживме Третоноемвриската награда. Пеејќи, се веселевме, се радувавме на животот, си го правевме секој ден помил и посреќен. Снимивме ЦД со десетина македонски песни. Имаме и видео запис. Сме биле гости не само на прилепската телевизија, ами и на програмите од телевизиите од соседството. Во студиото во Прилеп снимивме аудио запис, кој потоа прерасна во звучна наша медалја за гостување на многу тогашни радија и ТВ програми. Без лажна скромност, создадоваме атмосвера на забава, поткревајќи го културното доживување и анимација на пензионерите и освежувајќи ја често желбата за живот во поодминатите возрасти – вели Димески, додавајќи дека ќе пее додека го држи гласот и здравјето.
Друштвото го води сега Василе Наумоски. Тој е диригент. Зад него стои “грб” со творештво на стотина испеани, подготвени и преработени македонски народни песни. Тоа е извор и за понатамошните генерации кои ќе сакаат да творат на наш македонски народен мелос.
Димески пред пензионирањето беше сервисер.
Браќа се пензионерите на Прилеп и на Врњачка Бања
– Имаме одлична, би рекол, братска соработка со гостите од Врњачка Бања. Нашето друштво гостуваше таму како да е дома. И тие доаѓаат како кај ведри и гостољубиви домаќини. Релациите на пријателство и респект се одамна поставени. Се негуваат со децении, особено последниве, откако Славко Трајкоски е претседател на ЗП Прилеп.