Во болницата
Тимот на ортопедско-трауматолошкото одделение во болницата, под менторство на д-р Игор Мерџаноски од Клиниката за трауматологија од Скопје, ја изведе првата операција во болницата, втора во земјава, спасувајќи му ја функционалноста на левата рака на 37-годишен пациент од Прилеп. Ова е зафат на ортопластика со вметнување имплант.
-Со директорот на прилепската болница направивме операција на лакотот. Тоа е еден од најсложените зглобови каде три коски се врзуваат меѓу себе. И, ако едната коска е скршена, во случајов тоа беше главата на радиус, а продолжува долу кон раката. Многу е битно скршеницата да се замени, посебно кај младите пациенти, со имплант, кој е со иста должина како скршеницата за да не се наруши анатомијата на раката. Зашто, по извесно време настануваат други проблеми во лакотот, дури и во рачниот зглоб – објасни д-р Мерџаноски.

Овие операции не се правени 20-ина години кај нас. Ова е пример за децентрализација на оперативните зафати за пациентите да се лекуваат во својот град, а слухот од надлежните ќе овозможи едукација на младите лекари.
– Операцијата е втора во земјава, благодарение на слухот на Министерството за здравство. Владата ги поддржува новите методи. Лани имавме проблем за воведување и едукација на кадри и, со заминувањето во странство, за едукацијата на младите лекари. Загубено е многу време, но, еве, децентрализацијата значи сите пациенти да се лекуваат во своите градови, да не патуваат и да се изложуваат на трошоци. Директорот на прилепската болница издејствува да се обезбедат специјални импланти за ваков тип операција, како и импланти за болестите на рбетниот столб и се надевам дека ќе почнеме операциите да ги работиме од наредната недела – рече Мерџаноски.
Тимот на одделението е горд на зафатот и очекува почести зафати. З а една недела се очекува да почнат операции на рбетен столб.
Кире Јоноски, ортопед и директор на болницата, рече дека почнуваат нови процедури и децентрализација на медицинските процедури кои се вршеле во Скопје, а ги вршат во нивната болница.
– Се надевам дека со континуирана едукација и со примена на новите методи во иднина ќе придонесеме што поголем број пациенти да бидат третирани во нашата болница – рече Јоноски.