20.55 ч.
– Не сте спани – му рече подбивно болничарката со очила за сонце.
– Ниту минута – призна Розов.
– Наспијајте се за состанокот – го посоветува колешката.
– Да, ама и вие исто.
– Се спремив за тој голем ден – рече младата жена.
– Мислите, голема ноќ – í рече.
– Довидување Киро – му се обрати прв пат со неговото име.
– Лака-ноќ убавице, и пријатно спиењето!
Попладнето Полката ја изнесле скришно. Неопределен мирис на смрт сепак рееше низ павилјонот. Розев дезинфицира со спреј. Го пушти сам да се испразни автоматски во собата од Полката.
Ѕирна во салонот со телевизијата. Неколку пациентки гледаа програма.
– Добровечер госпожи и госпожици – подвикна весело.
– Добровечер господине – му одговорија.
Ја отклучи вратата од кујната, заклучена од страв некоја пациентка да не земе нож и да го нападни персоналот или самата себе си.
На масата, на послужувалник од пластика го чекаше неговата вечера. Ја стопли на гасното шпоре. Го вклучи малиот транзистор и почна да јаде.
Киро Цепачо
Се вели дека треба од сé по нешто за да се створи еден свет. Секому му треба помал од себе си. Нашиот град беше свет во минијатура. Имаше од сé по нешто. Луѓето со право или не мислеа дека постојат други помали од нив. Се сеќавам на некои од “помалите”. Си велам дека не беа толку мали, бидејќи нивниот спомен уште живее во сеќавањата. Имаше еден Коста Саруфте. Ние, децата, го викавме Коста пијаницата, на газо тупаницата. Во Франција Саруфтета ќе го категоризираа како социјалец, клошар, бескуќник кој живее по улиците. Во Втората светска војна, кога беше окупиран градот од бугарскиот фашистички режим дојден во куферите од победничката армија на германскиот Трет Рајх, при една полициска рација, ние, децата, си гледавме како обично “сеир”. Бугарските жандарми и полицајци сé живо што ќе фатеа по улиците, со тепање носеа во “участакот” за проверка на идентитетот, да видат дали е член или соработник на македонскиот антифашистички отпор против бугарските окупатори. На Ат-пазар, чие име иде од турски, Коњски Пазар, и на кого во турско време понекогаш беселе јавно осудени на смрт, фатија еден грбав човек.Почнаа да го маваат по грпката, викајќи “В‘нка апарата!”. Несреќникот се мачеше да им објасни дека под џакетот не крие мистериозен и опасен апарат, туку има природна грпка со која дошол на овој свет. Џандарите го фатија под мишките и Коста Саруфте. Грубо го туркаа и го влечеа кон “участакот”, во полицијата. Саруфте изгледа нешто згрешил со викање пароли против бугарското царство. На сличен начин “грешел” и под српската окупација, што сврши со идењето на германската армија и бугарскиот државен апарат, кога почна војната. Ние, децата, со неразбирање и љубопитство гледавме додека некои агенти нé не растераа, пцуејќи ни ја “мамката мрсна македонска”.
По ослободувањето, Саруфте одеше низ чаршијата и викаше: “Долу новите чорбаџии!”. Еднаш го снема. Се чу дека бил затворен. На верски празник кога луѓето одат на гробишта со понада за душите на предците, Саруфте почнал да вика меѓу гробовите: “Станујте мртви, да влезиме живи, да видите што слобода дочекавме!”. Подоцна се чу дека Саруфте починал во некој старски дом. Вистина или лага…? Некои тврдеа дека, како и други старци бил отруен во домот. Не верувам во оваа верзија. Ја спомнавам да се разбери какви гласови се ширеа меѓу народот. Не знам дали Климе гробаро го испратил и Саруфтета во задгробниот свет. Ама и овој беше “своевидна мостра”, еднорак, близу сто години старост, кога копаше некому гроб, некои го задеваа велејќи му, божем, сериозно:
– Климе, кога че ти дој тебе редо?
– Колај работа, че ми дојди, ама и тебе че те закопам пред да си одам!
И, богами, Климе, копаше со единствената рака и закопуваше. Умрените носени преку Мртовечко сокаче, на еден камен на влезот од гробиштата “ги починуваа”, клавајќи го кофчегот со починатиот на него. Ниту Климе, ниту друг од патешествието не знаеше дека и во Стариот Египет, пред 4000 години, така “ги починувале” умрените пред да ги закопаат на западниот брег од реката Хапи (Нил), т.е. на територијата на мртвите, како и денес што во Македонија гробовите се копаат во насока на исток (живот) – запад (светот на мртвите).
(продолжува)