Од вечерва до 13 јуни- 59. МТФ „Војдан Чернодрински”
Девет претстави во официјалната и пет во придружната независна програма е содржината на годинешното 59-то издание на Македонскиот театарски фестивал “Војдан Чернодрински”. Претставата “12” во режија на Синиша Евтимов на Македонскиот народен театар од Скопје ќе го отвори Фестивалот на сцената на ЦК “Марко Цепенков”. Ќе играат Ѓорѓи Јолевски, Гораст Цветковски, Тони Михајловски, Никола Ристановски, Игор Џамбазов, Сенко Велинов, Владо Јовановски, Сашко Коцев…
Пред изведбата, ќе бидат врачени наградите за животно дело на актерите Снежана Коневски-Руси, Гоце Тодоровски и Соња Михајлова.
Ансамблот на прилепскиот театар ќе конкурира за награди со претставата “Бура” во вторник од 22,30 часот.
За мотото на фестивалот, уметничкиот директор Ана Стојаноска истакнува дека театарот нé учи да бидеме храбри и на секоја ситуација да имаме коментар.
Со изборот на претставите се обид на театарот за “Враќање дома”.
Ќе има и детска зона, промоции на книги, разговори на тркалезна маса и програмата Драмолетење. Годинава ќе бидат ставени во фокусот тројца мошне театарски дејци од Прилеп, актерот и долгогодишен директор на нашиот фестивал Кирил Ристоски, актерот Благоја Спиркоски Џумерко и драмскиот автор и писател Благоја Ристески Платнар.
– Во контекст на мотото “Смеј се и осмели се”, тројцата се/нé смееја и се/нé осмелија да создаваме уште подобар театар – – вели Стојаноска.
По иницијатива на семејството на музичарот Филип Стевановски и по донесената одлука на Собранието на МТФ наградата за музика што ќе се додели ќе биде именувана по музичарот, кој што го изгуби животот во пожарот во Кочани.
Жирито е меѓународно, во состав, Нела Оташевиќ, продуцентка од Црногорско народно позориште, Иван Меденица, театролог и професор од Белград и Лилиа Абаџиева, театарска режисерка од Бугарија.
На затворањето, на 13 јуни, ќе бидат доделени наградите и ќе биде изведена претставата “Вистината 2” од Флоријан Зелер, во режија на Владимир Јурц на театарот Комедија од Скопје.