Комуналец е на потег за капелата кај старите гробишта

Здружението за заштита, обнова на старите градски гробишта во Прилеп и Варош кое постои повеќе од 30 години се ликвидира, бидејќи ја заврши мисијата за реактивирање, обнова на гробиштата и изградба на капела. Окончани се целите за постоењето со предавањето на капелата на локалната самоуправа, а одтаму на Комуналец на стопанисување.

Накусо, пред повеќе од 30 години, покрај отпорите, со стручна студија за обнова, локалните власти со републичкиот завод за здравствена заштита дозволија реактивирање на старите градски гробишта и дадоа можност за погреби на старата локации по забраната од повеќе од 45 години поради идејата на повеќевековниот простор на вечното почивалиште да се претвори во урбана населба и да се градат станбени единици. Повеќе сограѓани ги ексхумираа останките на своите роднини и предци, дури ги преслија и спомен обележјата на новите гробишта. Но, кај десетина прилепски ентузијасти никогаш не згасна искрата за реактивирање и за ревитализација заедно со осудата за затворањето на овој сакрален објект. За среќа, по повеќегодишни напори и отпори не само на политичарите, туку и на локалниот клер, општинските власти со државните органи дадоа виза за закоп на старите гробишта. Здружението направи евиденција на сопствениците на гробните места и собираше средства за ревитализација. Првин се изгради долг обиколен ѕид за заштита со средствата на граѓаните кои сакаа да ги зачуваат местата. Се кренаа неколку големи влезни порти, се направи канализација, се доведе вода, тоалет, се изгради канцеларија, се насадија стотици зимзелени дрвца крај оградата кои, за жал, исчезуваа секоја ноќ, се направија поплочени патеки…

Пред неполн месец се комплетира капелата без првославни знаци, надвор од гробиштата, за времено чување на посмртните останки на покојници без разлика на верската припадност. Капелата сега е опремана со три фрижидери и два места за излагање на покојникот со сета потребна декорација на објект од ваков карактер. На стотината квадрати има место и за канцеларија за вработените за техничко административните работи. За транспорт на градежен материјал, набавено е мало тркторче со приколка. Се купила дури пумпа за хербициди против набуената вегетација, тример за косење на трева, дувалка за собирање на листови и друга опрема за полесно одржување не само на објектот, туку на пристапот и на гробните полиња.

Активирањето на капелата е во рацете на Комуналец. Здружението го предаде објектот во сопственост на локалната самоуправа, а оттаму на Комуналец на стопанисување. Се очекува менаџентот на ЈКП да ги обезбеди сите други придружни документи, а надлежените органи во министертвата да дадат виза дека се исполнети сите законски стандарди и норми за објект од ваков вид, со што капелата ќе се стави во функција.  

Остварен е сонот на десетината основачи на Здружението. Нивните мечти станаа јаве, дури гробиштата добија покрив за пречувување на  останките со сите придружни елементи за ваков јавен објект.

Во неколку децениската одисеја се вложени многу волонтерски труд на членовите, средства, донации не само на граѓаните, туку и на одговорни компании кои дадоа придонес да завршат бесплатно многу фази на заштитата и градбата.

Капелата располага со простор за одвивање само на две погребни церемонии оддеднаш. Просториите се според стандардите.   

Инвестицијата е окол 120 илјади евра, вклучувајќи ја градбата, односно комплетното опремување.

Ова ќе биде втор објект од ваков тип по оној на Новите гробишта од 2015 година.

Loading