“Инкогнито” – прва творба од  Марија Хаџи Митреска

“Инкогнито” е првата поетска збирка од сограѓанката Марија Хаџи Митреска. Името носи симболика, значи непознат, непрепознаен, скриен.

– Овој збор ме привлекуваше, бидејќи, во некоја смисла, бев писател инкогнито, до моментот кога оживеа оваа книга, создадена за сите – вели авторката Марија.

Класифицирана е за поетска збирка, но содржи и поучни раскази во кои се користи стилската фигура персонификација. Служи да ги направи чувствата и идеите поблиски, визуелно посилни и емоционално поврзани со читателот. Првин сакав да биде прозно дело, но почувствував  дека треба да ја збогатам и со поезија, љубовна, оти никогаш не застарува – вели таа.

Инспирација црпела од лирската длабочина на Пабло Неруда, емоционалната искреност на Десанка Максимовиќ и јазичната моќ на Петре М. Андреевски.

– Под нивно влијание се стремам да допрам до човечките вистини, тивко, но силно. Љубовните стихови стануваат мечта и вистина, зборот – чувство, тишина, бунт и нежност. Сé во едно – вели Хаџи Митреска.

Според Ана Кондоклоцис, песните се полни со животна инспиративност и  со сликовити записи.

Марија Хаџи Митреска, е дипломиран професор по германски јазик и книжевност и работи како наставник.

Loading