Алекса Павлоски (80), продавач во Југотон
Алекса Павлоски (80) е браиловец кој после 50 години живеење во Скопје, повторно се врати и веќе 12 години живее во родното село. Тој е човекот кој на скопјани и на граѓаните од Македонија им продавал грамофонски плочи 4 децении во специјализираната продавница Југотон во Гратскиот трговски центар. Ја знае секоја музичка нумера од продукцијата на хрватската издавачка куќа. Дури бил наградуван за најголема продажба, веднаш по дуќанот во Сплит во тогашна Југославија.

Првото искуство како продавач го имал во Стоковната куќа Нама во Скопје, откако завршил средно економско училиште и Виша педагошка школа. Не успеал да најде работа како даскал. Претходно, поработил во книговодство во тогашниот Секретаријат за здравство. Во Нама го искористил отсуството на раководителот и нарачал поголема количина грамофонски плочи. Бил храбар и му се насмеала среќата, го примиле како раководител на Југотон.

– Дотераа два – три камиони. Бев селско дете, на радио слушав поп музика. Знаев што се грамофонски плочи, имав купувано синглки. Наместо прв в село, заминав да бидат последен в град. За една недела, се продаде сé. Скопје било гладно за музика. Крунослав Кичо Слабинац ја издаде песната “Плавуша” и ми беше првиот гостин кој дојде да види како се одвива продажбата на неговата плоча. Генералниот директор на Југотон велеше дека трговецот е златна алка на изданието, тој ако не продаде, што фајде дека е произведено. Ми рече: Треба да знаеш дека плочата не е компир, треба да знаеш да ја продадеш. Работата тргна феноменално. Станав втора продавница по промет во ју просторите, веднаш по Сплит, па Скопје. Клучно беше што знаев да нарачам повеќе плочи пред Нова Година или пред некој празник – раскажува Алекса Павлоски (80), продавач во Југотон
Југотон отворил продавница во 1972 на ул. Луј Пастер, а во 1974 година и во Градскиот трговски центар.

– Секој ден предадениот промен беше поголем. Пеце Атанасоски ми беше вујко, прв братучед на мајка ми и Тале Огненовски, кларинетистот ќе дојдеа во Трговскиот центар и ќе ме следеа како продавам. Бев културен до бескрај. Тие што доаѓаа ме паметат. Имав црна коса и носев мустаќи. Го следев пулсот за музика, на луѓето. Знаев колку плочи да нарачам – објаснува Павлоски.
Барани биле плочите од Тереза Кесовија, Габи Новак, Арсен Дедиќ, Бело Дугме, Нови Фосили. Луѓе чекале вратата да се отвори. Кога биле концертите од Здравко Чолиќ, една недела се туркале да купат плочи за потпис. Излогот ќе го искршеле. Иако бил од село дојден во Скопје, со добрата продажба на плочи и паричната награда која ја добил успеал да гради куќа во селото Волково.
– Задоволство беше да ја погодиш нумерата на грамофонската плоча кога ја бара муштеријата да биде задоволен и да ја купи плочата. За музиката учев и знаење црпев од дискофилите. Ќе ти кажат земи го тој албум, се бара во светот. Југотон беа врвна издавачка куќа и најавуваа во годината што планираат да издадат – вели Павлоски.
Дури некој ако купел плоча и ја заборавел во автомобилот на сонце и се искривела, им ја менувал без проблем. Признава дека животот му бил песна.
– На моите соселани во Браилово им кажувам дека го имав најубавото работно место во Македонија. Што сакав, тоа правев. Музиката ме одржа во животот. Ми даде здравје, виталност – вели Павлоски.
Има продадено, како што вели тони и тони плочи. Во 1972 година чинеле 70 динари. Купувале студентите од Грција. И Бугари, кои со криење ги пренесувале кај нив бидејќи биле забранети.
Полетен е уште, ведар, подвижен. Вози автомобил. Работи 4 декари тутун. Додека работи и пее.
Најценето место за продажба
Трговскиот центар беше корзо. Најценето место за продавање плочи. Не можеше игла да се фрли. Нон стоп вртеше некоја плоча на грамофонот. Кога ќе свиреше народна песна, муштериите излегуваа. Нови години сме дочекувале внатре во продавницата со музика, сме играле. Немам плочи дома, ама не сакам и музика од телефон.
За македонскиот дискофилски гуру
“Имав задоволство да го сретнам Алексо од Браилово, 80-годишно витално човече, кое староста уште не го совладала… На прашањето која плоча била најпродавана, рече дека “Ѕидот” на Пинк Флојд, без конкуренција. Се барала 18 години одкако првпат се појавила на пазарот. Алексо кажа дека често знаел наутро да го послуша барањето на колегите од околните дуќани, па да ја пушти песната на најсилно и по неколку пати во денет.
Од моето сеќавање, Алексо секогаш беше услужлив и одговараше на секое барање на муштеријата да слушне некоја песна од плочата, пред да олучи да ја купи. И така ја решив мистеријата, кој беше македонски дискофилски гуру, на сите тогашни љубители на модерната музика, а тоа ти бил нашиот Алексо од Браилово. Со почит кон него, а во спомен на едни убави времиња кога грамофонот беше важен сегмент за разбирање на културните светски музички трендови.” – напиша на Фејсбук психологот Јован Велески, по средбата со Алекса Павлоски кој отишол на преглед за продолжување на возачката дозвола.