Дамнешна е традицијата на железнички превоз. Уште за Првата светска војна Прилеп бил железнички поврзан со Битола и со Велес, а оттаму со Скопје и Солун. Со години била градена тесната линија што минувала крај Плетвар, каде и денеска сведочи старата железничка станица. Позната е приказната за дилемите на тогашните инженери за совладување на височината на Плетвар со силата на јагленот и дрвата во парната локомотива. Инженерите биле сомничави, но еден ја направил трасата на пругата според патиштата на совладување на височината на движењето на магарето. Како магарето се искачувало за Плетвар, така се исцртувала пругата и се освојувал превојот.
Меѓу двете светски војни Прилеп бил модерно поврзан уште еднаш со денешниот железнички коловоз за Велес преку селото Гостиражни, па тунелот над него, и по течението на реката Бабуна, Богомила и месноста Азот. Новата линија била современа. И денес се експлоатира. Тесната пруга над Плетвар била напуштена и заменета со стандардните и европските димензии на растојанието меѓу шините. Зашто и вагоните, и локомотивите веќе се произведувале по нови, пошироки норми.
Пајтонџиите биле на зијан. Им паднала атрактивноста, поради побрзите превози со воз во другите градови.
![]()

