Утревечер во “…Цепенков”
“Чиста куќа” од Сара Рул, во превод и режија на Тамара Стојаноска, е претставата што премиерно ќе биде изведена утревечер од 20 часот на сцената од ЦК “Марко Цепенков”. Се раскажува длабока човечка судбина за животот и смртта, преку пет различни, но меѓусебно испреплетени ликови.
– Зборуваме за непредвидливите пресврти во животот и начинот на кој се соочуваме со нив, за болката што е неизбежна, за големината на простувањето, но и за љубовта и нејзиното губење. Се истражува ширењето на емпатија и начинот на кој се справуваме со траумите од детството, преку вицови, како средство за преживување, бегство и поврзување. Секој лик носи различна тежина, нерешени болки, видени меѓу односите на две сестри, двајца партнери или родители и деца. Во приказнава, вицовите стануваат филтер, еден вид “фасада” и начин да се преживее она што не може да се издржи. Траумите од детството често се заматени, а спомените се искривени или недовршени, а родителите ги штитат децата од вистинската болна реалност. Ликовите не се обидуваат само да насмеат, се обидуваат да преживеат, да ја пронајдат смислата на светот. Чистењето не е само физичка активност, тоа е метафора. Додека домовите блескаат, внатре, во нас често владее неред, несредени емоции, потиснати чувства, нерешени болки и осаменост. Куќата може да биде уредна и тивка, додека душата е немирна, полна со тишина што вришти. Чистењето станува бегство, обид за враќање на контролата, но и чин на љубов, особено кога се прави за некој друг – вели режисерката Стојаноска.
Сара Рул ја претвора болката во нешто магично, духовито и лековито. “Чиста куќа” го чисти внатрешниот емотивен хаос.
Играат Даниела Иваноска, Наташа Ачански, Катерина Чакмакоска – Клинческа, Јасмина Мицовска – Станкоска и Димитар Ѓорѓиевски. Драматургијата е на Лидија Митоска-Ѓорѓиевска.
![]()

