Манастирот кај Писокал
Тапан и зурла рскаат, гајда и кавал ќе писнат, оро ќе се вие за празникот Света Елена и Костадин (3 јуни) во божјиот двор на манастирот Св. Илија кај местото Писокал. Народ ќе се слеее во божјиот дом. Духовната убавина и природната красота ќе ги рашират рацете да се освежат очите. Манастирскиот бисер ќе блесне со рајска светлина.

Распослан низ облечената дабова шума под превојот Слива, на 15 километри од Прилеп, на патот за Мариово, се наоѓа ова духовно светилиште. Се свил да “мами”, небаре птичјо гнездо. Дотеран со нови конаци и трпезарија ги загрнува верниците да се восхитуваат на природниот дар. Пролената атмосфера ги грее душите.

Мераклии на манстирското богатство камче по камче, цигла по цигла, со добри луѓе го кренаа храмот во раскошната природа, катаден да одмораат најмалку десетина намерници во планинскиот декор. Се поклонуваат на олтарот и палат свеќи за здравје, вкрстуваат лаф-муабет.

– Ги плакнеме сетилата, ги искрцкавме зглобовите од нозете, ги наполнивме градите со воздух, пресен, чист како солза, го згаснавме уморот со седенката во пролетната авантура. Така се движиме секој викенд кон некое наше христијанско наследство. Манастирите се свети места не само од духовен агол, туку и од природен. Изградени се на величенствени локации. Вековите не го уриваат каменот и одолеваат на забот на времето. Ја пренесуваат сопствената приказна на идните генерации. Тие се духовно злато на минатото и показ за идните поколенија да ги негуваат следните столетија и да ги следат стапките на своите претци. Нема разлика дали е Писокал, Дрен, Прилепец… Бог не штедел на убоста – вели еден од посетителите.

Срцата го впиваат манастирското рува. Камењата не се ронат, туку зрачат духовност во дивината. Се слуша низ пенџерето што зјае песната на ладниот југ. Најбујните гранки со листови во ритмички танц играат на дабовата крошна. Се виткаат на ветерната музика, докажувајќи ја отпорноста и снагата.

-Уживаме во манастирот, оти ни е на дофат. Брзо се стасува. Плус времето минува низ зелената глетка. Волшебство на хармонијата на сончевите зраци и кристално јасното сино небо. Се радуваме на мирот и тишината, на шумната природа, која, низ здивот на ветерот зрачи благодет – вели соговорникот.

Божјата милост е широкограда. Не го отсекла манастирот со непристапност. Затоа се собира многу народ не само родум од Писокал или Кален, или Бонче, не само од Чумово и Штавица, туку и од Прилеп и од Мариово. Небаре магнет, привлекува и предизвикува негување на традициите за одржување на корените. Писокалските потомци се собраат на Денот да се препознаат низ насмевка, да видат колку остареле низ ведрината на лицето, колку косите им побелеле или паднале, колку времето им оставило траги на челото. Ги враќаат спомените. Зборуваа за зортот на пеколната жетва. Раскажуваа за мелодичноста на песната на кавалчето при пасењето овци и говеда, за детските селски игри, за празниците, Божик, Велигден… За свадбите и крштевките. Се сеќаваат на гаснењето жедта со студените води.

Пред неколку години нашиот сограѓанин со потекло од Марул, Томе Велјаноски, кој живее во Шведска, стави на црквата плоча со песна посветена на жетварката Илина, насловена “Писокал”. Мотивите му биле да даде придонес да се врати камбаната во селото од каде потекнувала неговата мајка.
Пламен го однел селото
Селото Писокал згаснало, го запрело плачот на децата и рикот на добитокот во палежот на Турците и Србите во почетокот од минатото столетие. Се запретале во пепел огништата, се преселил низ светот животниот пламен и ритамот на срцата со болка во душата. Главно жителите се иселиле во денешното село Чумово.
Калци писокалски
Според легендата, момата Илина ја изградила црквата, на денешното место, одмарајќи се од жетварската мака. По дремката, í исчезнале опинците и калците. Го побарала на помош Свети Илија, а тој на празникот, í ја вратил “рубата”. За благодарност, таа ја кренала црквата, наречена Свети Илија, а местото го крстила Писокал, по прекрасно, навезените први, калци како напишани.