Не се заборава тимот што заслужи Прва лига на Југославија!

Се собра “златната” генерација на Победа по 38 години

– Потсетување на есента 1987, на 8 меча со 11 дадени, а само 1 примен гол

Нешто колку подолго е во сеќавање, толку е повредно. Такви достигнувања, има многу во историјата на ФК Победа. Особено вредна е есента 1987, кога од последното место на табелата се крена до врвот на Втората југословенска лига – Исток, со серија од 8 меча – 7 победи и 1 реми, дадени 11, примен само 1 гол. Иако на крајот, екипата се спушти до 10. место и отпадна, сите фудбалски познавачи не само од Македонија, ами и пошироко, знаеја дека тој тим на Победа заслужи да е во Првата југословенска лига.

Овие факти беа мотивот за средба на генерацијата што остави силен печат. Севидоа на Градскиот стадион “Гоце Делчев”.

– За среќа, дел сум од оваа историја на Победа, две години како голман и капитен, потоа две години како тренер кога успеавме да излеземе на евросцената. Средбата ја иницира присуството на Милан Тодороски кој дојде од Австралија. Седнавме во Скопје и му реков да го контактираме Тони Шалев да се собереме сите играчи од 1986 до 1989. Иницијативата беше поздравена. Мило ми е што се видовме со Симон Наумоски, Марјан Стојковски – Манта, Звонко Костов и сите другите. Сакаме средбата да стане традиција секоја година – рече Мирсад Јонуз, спортист на Прилеп за 1987.

На теренот се вратија спомените со детали. Никоја не ја заборава победничката серија, почната во 7. коло на 27 септември (дома со Мајданпек 1:0), продолжи на гости со ОФК Титоград (1:0), дома со ОФК Београд (2:1), на гости со Металург во Скопје (1:0), дома со Влазними од Ѓаковица (2:0), на гости со Борац во Чачак (1:0) и дома со Црвена звезда од Гнилане (3:0). На следниот меч во 14. коло на 15 ноември беше реми (коментарот е “под принуда”) дома со Нови Пазар (0:0), така што тука заврши таа серија, тој силен залет за кој се зборуваше во целата Југославија. Од тие фудбалери кои играа, се појавија: Мирсад Јонуз, Звонко Костов, Владо Димоски, Милан Тодороски, Марјан Стојковски, Тони Наумоски, Ѓорѓи Тракалинов, Миле Конески, Фарук Јонуз, Тони Шалев и Влатко Досев. Дојде и Зоран Мицевски, кој тренираше со тимот таа есен.

– Преубави спомени за минатото и за победничката серија. Се враќаат сликите со полни трибини на секој меч. Прилеп и Победа се гледааа како на фудбалски бренд, со респект – изјави Марјан Стојковски – Манта, тогашен играч, сега потпретседател на ФФМ, претседател на ОФС Прилеп.

Покрај споменатата генерација (од која починат е Венцислав Сусулески, а оправдано отсутни Лазар Радевиќ, Спасе Најдоски, Горан Богоевиќ, Васил Гунев и Зоран Митревски), присутни беа и познатите првотимци, како Љупче Милевски, Рубин Ѓорѓиоски, Круме Митрикески, Славчо Гически, Јане Николоски (чиј татко Мицко беше член на Стручниот штаб спомнатата есен), Љупчо Цветковски, Тони Мегленски, Ѓоко Илијовски… За Љубо Ивановиќ, Тони Чупоски, Стојан Раденковиќ се знае дека и тие се дел од тогашниот тим.

– Сé тргна од мене. Сите тогашни соиграчи ги посетував овие три години кога доаѓам од Австралија, а тие секогаш прашуваа еден за друг. Им покажував слики да се видат. Идејата се роди лани со Мирсад Јонуз, а година се собравме. Дојдоа и други генерациии, како Рубин Ѓорѓиоски, на чиј проштален меч имавме чест токму ние да играме – рече Милан Тодороски.

Допатуваа од други македонски градови, дури и од странство.  Браќата Јонуз, како и Костов, Чупоски, Мицевски дојдоа од Скопје, Тракалинов од Радовиш, Тодороски од Австралија, Шалев од Кавадарци, Ивановиќ од Белград.

– Од Белград морав да заминав во Хамбург, Германија, оттаму до Грција.  никогаш не се двоумев за поканата за оваа средба. Ваков собир не се одбива, оти ова е генерацијата од најуспешната есен, 1987. Првиот меч со Слобода Ужице победивме со 1:0, а слика имаше во белградски “Спорт”, со коментар дека Победа пак игра пред преполн стадион – изјави Љубо Ивановиќ.

– Прекрасни времиња. Игравме пред многу публика. Кога дојдов во Победа бевме само тројца отстрана. Други прилепчани. Ме прифатија, се дружевме.. И сега често сме заедно. Кога сум во Белград, прво одам да се видам со Љубо. И в година ќе имаме средба, во дресови, во опрема – најави Тони Шалев.

Средбата се круниса во гостилницата кај Стојче Бозоски. Не случајно, туку логично. Клубот ги праќаше своите членови на храна и пијалаци ка познатиот мајстор многу децении.

– Од 1969 година сум со Победа. Првин во хотелот “Скопје”, Од тоа време се Истатов, Дрвошанов, Трајков… Сме биле како фамилија. Продолжи и во хотелот “Липа”. Идеа Соколовиќ, Бадрлица, Арсов, Митрев… Се зближивме и со браќата Јонуз, Шалев… Многубројни се. Голманот Гически цел живот е со мене. И кога било најтешко, сум бил и останувам со Победа – се зборовите на Стојче Бозоски.

Признанија

Се вклучи и сегашното новото раководство на ФК Победа – претседателката Јана Мицковска – Попоски, членовите Сашко Попоски, Димитар Трајков и Небојша Стојковиќ. Тие поделија признанија. Притоа, плакета доби Симон Наумоски, директорот на “Витаминка” и долги децении поддржувач на клубот, а благодарници другите заслужни за клупскиот развој.

Присуствуваа Димко Кокароски, професор на Економскиот факултет, Орде Иваноски, директор на компанијата Пролетер, Трајче Ѓорѓиоски, возач на клупскиот автобус, Миле Талески, спортски новинар, дури и Димитар Чучуроски, еден од најприврзаните навивачи.

Едноминутна почит

Се спомнаа починатите, како играчот Венцислав Сусулески, тренерите Кирил Анески, Мицко Николоски и Методија Крстески. Не беше заборавена и Управата, во која беа Василе Соколоски, Трајче Маџоски, Веселин Тофоски, Бајо Велкоски, Кирил Самарџиоски, Благоја Миноски, потоа физиотерапевтот Драган Мирчески, новинарите Данчо Трајковски, Драги Башески и други.

За сите имаше почит со едноминутно молчење.

Оправдано отсутни беа д-р Ѓоко Цветаноски и новинарот Атанас Тасевски.

Loading