Народните инструменти се симбол на многувековниот идентитет

Фестивал на народни инструменти и песни Пеце Атанасовски

Викендов на Рудина кај Долнени ќе одекнат гајдите, тапаните, зурлите, кавалите, кеманињата. По 51. пат ќе се одржи фестивалот на народни инструменти и песни “Пеце Атанасовски” кој го негува и го чува изворниот мелос во Македонија.

Двата дена се на Рудина, во Долнени за денот на селото Долнени, Спасовден, лулката на гајдаџиството од каде потекнува и патронот со светски глас, Пеце Атанасовски.

 – Фестивалот се враќа на корените. Сакаме да ја одржиме традицијата, кога постоеле околу 150 гајдаџии. Во Прилеп се одржуваат семинарот за изучување на народните инструменти и песни и симпозиумот. Во градот се пренесува атмосфера преку музицирањето на дел учесници – вели Горан Василески, претседател на ИО на фестивалот.

Претходноо, околу 20 млади ги изучуваа народните инструменти и песни преку традиционалниот семинар во ученичкиот дом “Орде Чопела”.

Денеска во ЦК “Марко Цепенков” ќе се одржи традиционалниот симпозиум “Фолклорот во минатото и денес” со промоција на зборникот со трудови на еминентни експерти на фолклористиката.

Од декември лани гајдата и нејзиниот начин на изработка се ставени на листата на УНЕСКО како заштитено нематеријално културно наследство. Затоа годинава се востановува Ден на гајдата во рамките на манифестацијата.

В недела ќе бидат доделени наградите на најдобрите изведувачи, а најдобриот гајдаџија ќе ја добие наградата “Гајдата на Пеце” што ја доделува општината Долнени.

Loading