– Тогаш е ОК. Седнете да почекате во салонот додека го составувам документот.
Изненаден од брзиот пресврт и донекаде недоверлив, Американецот отиде во салонот.
Розев ја најде во канцеларијата дежурната болничарка ужасно исплашена. Таа беше убавичка, премногу висока за жена, – “Жирафа!”, си рече, – русокоса со модри очи.
– Мислев дека ќе ме отепа!
– Ќе зборуваме после, вие останете овде.
Седна пред масата за пишување, го состави документот и му го однесе на Американецот во салонот.
– Прочитајте го два-три пати, датирајте го и потпишете го. Јас ќе појдам да проверам да не сте заборавиле нешто во вашата соба.
Розев се качи на првиот кат тивко. Почна да ги изнесува од собата сите предмети и да ги носи во друга соба. Кога првата стаја остана сосема гола, го извади и огледалото, ја отшрафи електричната круша и потоа слезе во салонот.
– Дали го прочитавте, датиравте и потпишавте документот?
– Да, а сега си одам.
– Уште нешто. Појдете да видите нешто да не сте заборавиле во собата. Најдов нешто. Ќе ги видите на маса. Да викнам такси, оти клиникава е надвор од градот?
– Повеќе сакам сам да телефонирам за такси – одговори Американецот со извесно сомнение.
– Добро, тогаш ајде прво да појдиме во вашата стаја.
На прагот од вратата Розев учтиво го пушти да влезе прв пациентот и му рече:
– Повелете, запалете ја ламбата – и одеднаш го турна во собата и ја заклучи вратата. Болниот бесно се нафрли со рацете и со нозете на вратата и на нејзините џамови. Розев отиде во канцеларијата.
– Господи како тропа, се ќе искрши!, рече исплашено болничарката.
– Ништо нема да се скрши. Овој не е прв случај. Сите врати и стакла се нескршливи. Сé извадив од а собата и и ги ставив во број шест.
– Благодарам! Сакате ли кафе? Поседете малку, страв ми е да останам сама.
– Ајде, ќе испијам едно кафе, ама со четврта брзина.
03.30 ч.
Седејќи пак во канцеларијата на женскиот павилјон, Розев осети свеж воздух. Неекој прозорец беше отворен. Во приземјето сé беше во ред. На првиот кат, вратата за на вториот и последен кат беше широко отворена. На тој втори спрат живееа некои од девојките и болничарките кои работеа дење. Имаа строга наредба вратата секогаш да ја заклучуваат, затоа што на тој кат не беше можно да се заклучат прозорците со нескршливи џамови. Некоја од нив заборавила да заклучи. Се качи. Едно од пенџерињата беше широко отворено. Погледна преку прозорецот и му се стори дека нешто се гледа на балконот под него. Слезе таму. Не се излага кога помисли дека Марина нешто спрема. Се фрлила низ прозорецот, ама балконот ја задржал и ја спасил инаку… Си ја скршила ногата. Свесна, ама не пушташе глас, ниту офкаше. Ја крена нараце и ја однесе во нејзината соба. Телефонира во окружната болница. Десет минути потоа стигна дискретно амбулантна кола за брза помош. Му го објасни случајот на возачот и на неговиот колега, додека ја изнесуваа девојката убава како стар од филм, ја зеде нејзината рака:
– Марина, ова не требаше да ми го сториш. Не го заслужив тоа од тебе.
– Прости ми, прости ми, Киро! Ти си ми пријател. Ова не требаше баш тебе да ти го направам!
Низ нејзиното пепелно-сиво лице почнаа да се тркалаат солзи.
(продолжува)