Збирка песни за Конески од Марија Симоноска

Промоција

“Ех, Конески” е новата поетска збирка од Марија Симоноска, што ќе биде промовирана в понеделник во 18 часот во библиотеката. Промоцијата е дел од одбележувањето на 80 годишнината од кодификацијата на македонскиот стандарден јазик. Промотор е проф. Д-р Елизабета Бандиловска.

– Симоноска храбро чекори на македонската поетска сцена со втора збирка песни, посветена на Блаже Конески. Збирката содржи триесетина песни распослани низ страниците како откинати воздишки од душата, поврзувајќи се во моќна целина од првата до последната песна. Секоја од песните е посебна авторска беседа. Провејува мотив посветен на Блаже Конески. Некои го носат признакот на поема, некои се покуси, но во сите живо се чувствува Конески. Авторот “разговора”, му раскажува настани и збиднувања и, со новите генерации, како на свој старател и мудар собеседник, му ги пренесува загриженоста и вознемиреноста како произлез на современата македонска слика – напуштањето на македонската земја и заборавањето на македонските корени – процеси што се одвиваат тивко и секојдневно, како бура што доаѓа полека и неосетно и го носи она што никогаш не се враќа назад – луѓето и нивниот јазик. Авторот станува хроничар на новото време, трагач по изгубените кодови… Силно се провлекува патриотизмот, љубовта кон Македонија, кон македонскиот народ и кон македонскиот јазик – вели проф. Елизабета Бандиловска, која е автор и на рецензијата.

Симоноска многу години пишува поезија и е член на Клубот на литературни творци – Прилеп.

Loading