Изложба
Вечерва од 18.30 часот во Ликовната галерија од ЦК “Марко Цепенков”ќе биде отворена изложбата Рефлексивна привлечност од академскиот скулптор Слободан Милошески. Низ уметничката призма се презентираат иновативни скулптури кои се карактеризира со две особини: начинот на кој се користи материјалот, металот, и за концептот на артикулирање на идеи од доменот на духовното.
– Милошески е претставник на постмодерниот дискурс во скулптурата. Спроведува третман што резултира со преобликување на металот или со неповратно додавање, како лемењето или заварувањето, за да ги обезбеди и профилира скршените сегменти на скулптурата, кои патем ги третира со голема претпазливост и внимание. Клучни елементи се просторот и волуменот кои ја наоѓаат рамнотежата и динамиката во постојаната игра на наизменични тенки, едноставни форми, лансирани во вселената со сета тежина на тешко моделираниот метал… Делата се со различна конотација, во доменот на “академскиот пејзаж од механичко-кибернетичко потекло”, со поинаков вид на разбирање на односот меѓу егзактните науки и точноста на уметничката френзија. Сенките на авторот минуваат низ крти простори и се губат во бескрајната ништожност. Обликувањето на претставените скулптурите делува дека е направено на едноставен начин, со леснотија. Од друга страна е видлив дарот да се применат специфичните вештини во создавање хармонично комбинирани површини, направени од метални елементи и конструкции. Во завршницата продуцираат уметнички дела и даваат значење на идејата за пречекорувањето на границите на искуството, за когнитивното во полето на металната уметност, отворајќи го патот за чинот на автосознание – вели проф. д-р Џемил Бектовиќ, за делата.
Милошески е дипломец на Факултетот за физичка култура во Скопје. Во 2009 год. дипломира на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, вајарство, додека во 2011 год. магистрирал на област вајарство. Во 2018 год. докторирал на Националната уметничка академија во Софија. Професор е по вајање и вајарски техники на Ликовната академија на универзитетот “Гоце Делчев” во Штип. Член е на ДЛУМ од 2009 год. Имал бројни групни и самостојни изложби и е добитник на повеќе награди и признанија.
![]()

