“Раката” скокна на 250 денари од час

Расте интересот за тутунопроизводство

Околу 15 отсто ќе бидат поголеми површините со тутун во годинешнава производствена сезона. Ова е проценка на Сојузот на земјоделските здруженија со оглед на зголемениот број на договори потпишани со откупните компании.

Стартот на расадувањето ветува зголемен интерес за ова култура, зашто ланската реколта мина со околу 500 денари килограм тутун.

– Тутунопроизводството сега е најисплатлива земјоделска гранка. За тоа сведочи растот на интересот. Склучени се 33000 договори за 27000 тони тутун на околу 14000 хектари – вели Кире Ристески, претседател на Сојузот на земјоделски здруженија.

Поголем дел од тутунарите ги зголемуваат површините, а некои постари, кои го напуштиле тутунот, се враќаат на оваа традиционална култура.

– Организираните големи тутунатри го удвојуваат производството, мотивирани од ланските високи откупни цени, а и поради субвенциите – вели Ристески.

Поради зголемениот интерес се креваат и цените на наемнината за нивите. Растат и цените на работната рака. Последните информации говорат дека аргатите за расадување се плаќаат околу 250 денари од час, плус превоз и исхрана.

Тутунскиот комбинат лани откупи 1750 тони.

Македонија е втор производител на ароматичен тутун после Турција. На пазарот недостасува ориентален ароматичен тутун како прилепскиот, кој учествува како мирудија со неколку проценти во секоја цигара.

Loading