ЌОСТЕКОТ И НЕВЕСТИНСКОТО ШАМИЧЕ ГИ ВРАЌА НА ОРОТО

Зорица Тошеска (44), изработувач на ракотворби

Детските односно младешките желби никогаш не згаснуваат. Едноставно тлеат, чеќајќи го вистинскиот миг на остварување. Иако како играорка, ниту како невеста немала можност во рацете да држи ќостек, прилепчанката Зорица Тошеска сега ги изработува од срце и се радува што нејзините рачни изработки ги украсуваат веселбите кои се помнат цел живот. Нејзините ќостеци и невестински шамичиња освен во земјава, биле декор и на веселби во Франција, Австралија и Америка.

Зборот ќостекот е архаизам. Означува синџирче за џепен часовник. Специјален машки накит што се носи на рамењата и на градите. Но, најчесто накит од сребро со пет синџира и две алки поткитени со ѕунѕурки. Може да биде изработен и од шарени мониста како долга змија. Украсите за на оро кои ги изработува Зорица Тошеска се бели и црвениа, со златна или сребрена нијанса. Успева традицијата за ритуалното вртење на украсната врвка, пак да ја врати меѓу младите.

– Ги сакам старите работи. Дома имам часовник од прадедо ми. Тепих стар шарен како носија. Ако е правилно и со љубов изработено, останува за генерации. Имав мерак, како дете да имам ќостек. И како невеста. Сега изработувам украси за веселбите кои му даваат посебна убавина на чинот – вели Зорица Тошеска, изработувач на ќостеци и украсни шамиче 

Пред речиси три години од интернет ги научила првите чекори и основи за изработка на ќостеците. Парала и плетела три недели додека не го исплела првиот ќостек. Била упорна. Изработката е макотрпна и бара трпение.

– Се изработува од свилен конец. Првин користев мониста од Скопје, ги нижев рачно,. Си набавувам нанижени на мали низи од Турција. На свилениот конец 13 метри се нижат мониста, а се пуштаат од 40 – 50 метри празен конец, низ дворот или низ куќата, а се одделува дел околу 1 метар мониста и се оди до последниот крај. Си олеснив самата. Виткам на кутии со 16 вртења на празен конец, па мониста, па празен конец, па се плете. Шест мониста се во еден ред. А 48 во едно низулче. Потребни се околу 50 метри конец, од кои 13 со мониста. Имам специјални игли за пренижување на монистата на конецот. Ќостеците се долги 43 цм. Потребно е 18 часа за изработка на еден ќостек, но со пауза бидејќи е макотрпно – вели Тошеска.

Вели дека ќостеците и шамичињата се украс на свадбите. Ороводецот е повпечатлив, го држи ритамот со ќостекот во раката, а атмосферата се подига со играњето со шамичињата пред невестата. Во секоја иразаботка вткајува дел од себе. Изработила и црн ќостек да биде складен со црниот смокинг.

– Ќостекот или шамичето не е хартиена салфетка која се кине. Тие остануваат. Имам ќостек стар 100 години од прабаба ми кој го чувам изработен од конец. Се враќа полека традицијата. Секој ќостек има приказна. Сум вложила труд, енергија и самата помисла дека мојота рачна ирзаботка ќе се најде преку океан или во Кичево, се пренесува дел од мене и многу ме исполнува – вели Тошеска.

Вели дека не и е мотив економскиот ефект.. Има идеи, да купи машина за шамичињата да бидат извезени со иницијали на зетот и невестата.

Работи во прилепската болница. Изработките ја релаксираат.

ЌОСТЕК ЗА МАТУРА ВО ПАРИЗ

Мои пријатели од Париз сакаа на синот за матура да му подарат ќостек. Играорци од Кичево бараа ќостеци и украсни шамичиња за невести во Охрид и Скопје. Моите изработки стигнаа до Австралија. Имам нарачка дури за 10 шамичиња за нашинци од Америка кои овде ќе прават свадба.    

НЕВЕСТИНСКО ШАМИЧЕ ОД САТЕН     

Наместо од асе како порано, моите невестински шамичиња се изработени од сатен. Ткаенината бара перфекција, прво ги порабувам на шнајдер, потоа рачно ги поплетувам, па го редам шамичето, треба да се внимава да не се стега ммногу со котелецот, да не биде лабаво, па дури потоа го плетам со мониста. Најново направив шамичиња со чипка по крајот.

Шамичињата со 16 кракото сонце ги бараат повеќе кај нас во Македонија.

Loading