Кирил и Методиј се светилник на Словените

Големите македонски и сесловенски просветители Светите браќа Кирил и Методиј се основоположници на словенската писменост и литература. Заслужни за културниот развој на сите словенски народи. Празник е денот на нивното упокојување 24 мај. Поради нивните заслуги за христијанството Светата црква ги прогласила за рамни на апостолите.

Именден празнуваат Кирил, Киро, Методиј, Мето…

Одделно се празнувал споменот на двајцата браќа. Подоцна се создал заеднички празник. На илјадагодишнината од Моравската мисија во 1863 година, Светиот серуски синод решил да се празнува како црковен празник на преподобните Кирил и Методиј. Тоа било прифатено од сите словенски народи.

Родени се во Солун. Најстариот од седумте деца, Методиј е роден околу 815 година, а Константин бил седмо дете, во 826/27 година. На Методиј името му е добиено во монаштвото, оти завршил највисоки школи во Константинопол. Браќата учествувале во Хазарската и Моравската мисија. Константин бил забележан од царските советници. Му овозможиле да се школува во познатата Магнаурска школа со ранг на универзитет во Цариград. Се афирмирал како мислител, богослов и апологет на христијанството. Го учел Хомер, учел дијалектика, филозофија, реториката, артиметиката, книжевноста, елински уметности итн. Станал познат професор по филозофија и го добил прекарот Филозофот. На 24 годишна возраст бил испратен на државно-политичката и религиозната Арапска мисија кај Сарацените.

Во 858-859 година Кирил, Методиј, при Хазарската мисија, ги нашле моштите на папата Климент први. Кирил напишал и пофално слово за Климент и химна за него. Во манастир во Цариград се прославил оти го дешифрирал записот од чашата на еврејскиот цар Соломон, чуван во црквата Св. Софија во Цариград.

Браќата биле носители на Моравската мисија, важна за иднината на сите Словени. Со Божјо слово ја проповедале верата на разбирлив словенски јазик. Кирил и Методиј морале да состават азбука и да ги преведат неопходните книги на словенски јазик. Ја создале првата словенска азбука (глаголицата), за превод од грчки на словенски јазик. Кирил го искористил јазикот на македонските Словени од Солун и околината. Браќата отише во Рим, да му ја објаснат на папатаа потребата за словенски јазик во црквите. Во Венеција Кирил остро го бранел правото Словените да ја изведуваат богослужбата на својот јазик.

“Не врне ли дожд од Бога еднакво за сите? А Сонцето не грее ли исто така за сите? Зарем не дишиме воздух сите еднакво? Па тогаш како не се срамите да признаете само три јазика, а сите други народи сакате да бидат слепи и глуви”?

Ова го рекол Кирил, додавајќи дека и други народи, словото Божјо го проповедаат на свој јазик. Апсурдно е да се прави на неразбирлив јазик за верниците.

Во Рим биле пречекани свечено, оти ги носеле моштите на папата Климент први. Папата дозволил во неколку цркви во Рим да се богослужи на словенски јазик, со што го признал за службен во црквата. Ги заштитил словенските книги. Методиј го произвел во свештеник, а Константин во повисок калуѓерски ред (со името Кирил). Кирил починал во Рим во 869 година. Бил погребан во црквата Свети Климент.

Брат му Методиј, со учениците се вратил во Моравија. Таму две ипол години минал в затвор, поради клевети. Чувствувајќи го својот крај, во 884 година со двајца свои ученици-брзописци, за шест месеци ја превел Библијата на словенски јазик. Починал во 885 година. Бил погребан во моравската престолнина Велеград.

Светите Климент и Наум го продолжиле делото на своите учители со голема страст на брегот на Охридското Езеро во древниот град Охрид.

Грчката црква не ги празнува светите Кирил и Методиј.

Со указ на светиот Синод на Руската црква, за 1000 годишнината од првото осветување на словенскиот јазик, во 1863 година решено е секоја година на 11 мај (с.с.) да се слави празникот на преподобните Кирил и Методиј, со ноќно бдение, со литургија и молебен и со служба.

Светите браќа Кирил и Методиј се прогласени за рамноапостолни од Светата црква поради афирмацијата на христијанската вера.

Прличев: Дела што не можеле да направат императори, цареви… 

Григор Прличев напишал дека папата римски ги нарекол рамноапостоли и писмено заповедал да се  празнуваат.       За Прличлев, иако биле болни, многу направиле за афирмација на Христовата вера.  Го извршиле делото што не можеле ни цареви, ни императори, ни Христовите апостоли. Негувал вдахновено расположение дека солунската гимназија ќе произведе уште многу Кириловци и Методиевци, што ќе бидат светила на нашите училишта, ќе бидат благолепие на нашите цркви, ќе бидат столпници на верата и ќе го прославуваат македонското име.

Цепенков за рамноапостолите

Марко Цепенков сведочи дека во Прилеп празникот првин бил ден на тутутнџиите. Потоа го присвоил брашнарскиот еснаф. И шивачите ги имале за покровители. Цепенков повикува да се “остави спомен по себе си на еснафот и на искрата и на изворот на главите на свети Кирил и Методиј. Тија сја на извор на нашио народ, што не напоиле со духовно просвештение и со славјанско писмо. Славја им ја до века, с Оцем и со Сином и свети Духом, амин”.

Цепенков забележал дека “силум се воведени во црквата при подигнувањето на црковното прашање”.

Цепенков пишува за сон поврзан со светите Кирил и Методиј, за параклисот во варошкото маало. Имено, невестата од Илија Дундов во 1893 година три години боледувала од грлобол. Кога веќе сите изгубиле надеж дека ќе оздрави, сонувала дека се нашла во параклисот Свети Кирил и Методија. Туку је се преставил еден стар чоек со брада (зер св. Кирил, ја св. Методија) со еден диск в раце со вода и песок и је рекол:‒ Повели, напи се од водава, шмркни троа во носот, изми се за да оздравиш од грлото што те боли. Зела од водата, се напила, се измила и си оздравела”. Кога се разбудила, почувствувала олеснување и тргнала за параклисот. Домашните се чуделе и ја запирале зашто била болна и тешко дека ќе можела да појди до параклисот. “Ами вакваа учена си на училиште да веруаш сонои! Коџамити царцки еќими не можат крајо да ти го најдат, со сонои сакаш да оздравиш! Седи, не ти треба црква, да не настиниш, та да се сториш полоша!”.

Покрај  спротивставувањата, пошла во параклисот и се зачудила на тоа што го водела, зашто било истото од сонот. “Седела дури се слугало литургијата и на отпус ошла кај бунаро и се измила од водата, се напила, шмркнала во носо и на час сетила голема леснина. Дури си ошла дома, се оздравела, како да не боледувала никогаш”.

Грците не сакаат да слушнат за солунските браќа      

Стефан Тановиќ од гевгелиско вели дека новиот празник го слават Србите и Бугарите, како Словени, а Грците не сакат да слушнат. Бугарите го празнуваат и го присвојуваат како нивни празник, а Србите го празнуваат од општословенско гледиште.

Влахов до Тито за празникот

По Втората светска војна имало извесен дисконтинуитет во празнувањето на Кирил и Методија. Димитар Влахов му пишал на Тито во 1948 година, барајќи празнување во Македонија. Нагласил дека во Бугарија се празнува како државен и се прават и обиди браќата Кирил и Методија да се претстават како бугарски просветители.

“Другар Маршале, на 24 мај, посебно во Македонија, како и кај другите словенски земји се слави празникот на словенските просветители Кирил и Методиј. Прославата во минатото играше голема улога во преродбата на националната свест на нашите браќа Македонци за нивното обединување и за јакнењето на нивната борба за национални, културни и политички права. Празникот беше еден од најголемите за Македонците. Меѓу интелегенцијата заземаше највисоко место. Беше народен празник. Се собираше целото население од градовите и од селата и беа организирани црковни служби, чествување, игри веселби. Активна беше училишната младина, затоа што денот на Кирил и Методиј се сметаше главно како ден на словенската култура и просвета. Тој ден е една од главните пројави на традицијата на македонскиот народ. Денот на Кирил и Методиј се слави од почетокот на  борбата за културно, национално, политичко и социјално-економско ослободување, т.е. од пред еден ипол век. Во Бугарија е државен празник. Бил користен за големобугарската пропаганда, а во Македонија не се празнувал. Имало незадоволство меѓу интелегенцијата. Засега, во Македонија, не го славиме. Одгласите од старите прогресивни луѓе не се многу поволни за нас. Сметам дека тој ден треба да биде празник на словенската солидарност и братство. Треба да се слави свечено, како кога имал пошироко значење. Посебно за Македонија треба да биде најсвечено поставен, да добие значење како во времето кога Македонците се боревме против ропството на Фенерот и турските паши и султани за ослободување. Пожелно е да биде присутен овој празник. На свеченостите треба да учествуваат не само учениците и работниците на културно поле, туку и нашите народни избраници на чело со нашата влада, со нашите народни претставници. Ве повикувам, Маршале, да ја разгледате оваа сугестија и да се донесе решение, кое ќе биде од корист за сите братски народи на ФНРЈ”.

Од писмото се гледа духот на времето. Се бара празнување, но никаде не се споменува светата димензија. Дури тие и не се нарекуваат светители.

Loading