Хотелот Јадран грандиозно и пркоси на сиромаштијата

 Шеесетти години. Сиромашно време. Ударничко. Пркоси на хотелот Јадран, некогаш од семејството Чесноски. Да стане државен хотел, власта го национализирала од “чорбаџиите” по ослободувањето.

Прекрасно здание, дигнато в центарот, порано послано прво со коцки, а подоцна поплочен со гранитни плочки. Посетен од многу луѓе од цела Југославија и прилепчани, со свој ресторан, гостилница.

Старите граѓани уживале во муабетите, седнати на масите пред хотелот. Лезетски мезат, “поткаснуваат” или се освежуваат најчесто со ладно пиво. Во гостилницата се порачувале вкусни кебапчиња. Додека дошол келнерот да наплати во ресторанот, поитрите бегале со неплатени сметки. До гостилницата имало слаткарница на Инзап.

Назад имало летна бавча. Десно биле занетчиските дуќани, а лево и десно трафики за весници и цигари. Се купувале лозови на Лотарија. Пред хотелот имало споменик – тријаголник со кована ограда.

Хотелот бил на два ката и приземје, имал повеќе соби. Постарите велат немало голема хигиена, во смисла на  варосување. Од 70-80 години просториите на хотелот служеле како канцеларии на претпријатијата ,,Димче Бањарот,, и други.

Како и да е, бил ремек дело кое зрачело со интересната градба. Храброста на сопствениците, во тие сиромашни времиња да се зафатат со хотелиерство била поздравена од граѓаните, кои со гордост се сеќаваат на хотелот Јадран и на еден живот кој “виреел” на чаршиското тло. Врвулици од народ, случајни или намерни минувачи, постари од имиџ со паларии пред хотелот и во него…

Loading